НАБИБЕРЕТЕ ГИ ПЕЧУРКИТЕ

Многу емисии за кулинарството. Покрај готварските специјалитети, има тука и специјалитети јазични. Сите велат дека ќе подготвуваат определено јадење, а никој не мисли дека јадењата се приготвуваат или се готват, а не се подготвуваат.

Почестени бевме со “специјалитет” во друга емисија. Не беше од кулинарските. Давани беа совети. Меѓу другото, слушнавме еден ваков совет: “Ако сакате да пржите печурки, најпрво набиберете ги и посолете ги”. Значи, да ги “набибериме”. А што значи тоа? Е, тоа било, да ги посолиме со бибер. Зошто се срамиме да си го викаме ЦРН ПИПЕР ? Па и латинското име е такво пипер негрум. А и оние, готвачките, во разни емисии, покрај другите зачини, велат дека се ставало и малку бибер. Србите го викаат така и ние, се разбира, трчаме по нив.

Седница на Собранието. На дневен ред, ребалансот на буџетот. Широко образложение на извесна госпоѓа пратеник. И слушаме: “200 милиони, кома четири. 100 илјади, кома осум. 300 кома пет”. Така, којзнае колку пати беше употребуван зборот “кома”. Зошто да не се рече – 100 милиони, запирка 4, зошто да не се користи нашиот збор – запирка? Така и се пишува, нели? Потеклото на зборот “кома” не е познато (можеби е англиско), а повеќе од познато е од каде е купен. Се разбира од српскиот јазик. Оние што го употребуваат, не размислуваат. Наместо запирката, ним им е покултурно да го користат “кома”.

Кога некој болен или повреден човек оздравел или закрепнал, редовно слушаме дека се “опоравил” или дека почнал да се “опоравува”. Оздравел, заздравел, закрепнал се зборови кои се наши и кои треба да се употребуваат во ваквите ситуации. Која е таа сила што не тера да земаме зборови од српскиот јазик? Прво треба да видиме дали имаме наш збор. Ако нема, треба да го создадеме врз основа на нашиот зборообразувачки систем. Ако не е можно и тоа, тогаш може да побараме и од друг јазик, но и кога земаме туѓ збор, тој треба да помине низ нашиот јазичен филтер. Мора да се вклопи во нашите јазични норми.             

Многупати сме се изјаснувале за погрешната употреба на предлогот “ВО”. При многу случаи слична е ситуацијата и со предлогот “кон”. Тоа зборче, тој предлог, означува правец. Да речеме дека некој тргнал кон шумата, некој се упатил кон стадионот, кон училиштето, кон чаршијата и многу такви. Колку пати сме слушнале дека Македонија настојува да се приклучи кон Европската Унија. Македонија сака да се приклучи ВО Европската Унија, а не КОН.

Слушнавме за извесен манифест, објавен од просветните работници, учителите, а против Францускиот предлог. Меѓу другото, чувме ваква реченица: “Се врши геноцид кон цел еден народ”. Драги учители! Геноцид се врши врз народ, а не кон народ. Фашистите вршеа геноцид врз еврејскиот народ, а не кон еврејскиот народ. Вие не треба да правите вакви грешки. Ќе ви се смеат. Дури ако е и печатна грешка, нема оправдување. Текстот е за сериозна проблематика. Напишан е од луѓе, кои, така да се рече, треба да бидат најписмени. Не сакаме никого да навредуваме, но ваквата содржина не смее да има недоследности од ваков вид.

Одамнешен пратеник се мачи на говорницата да го објасни својот став во врска со тој Француски предлог. Искажувања, реплики, контрареплики, мачна атмосфера. Пратеникот вели дека ќе гласа “ДА” доколку има поширок консензуз. Се прашуваме, каков е тој консензуз – поширок? Консензуз е консензуз, нема поширок или потесен. Консензуз значи ако гласаат сите или “ЗА” или “ПРОТИВ”. Затоа останува нејасно каков е ставот на односниот пратеник. Тој си знае!

Многу јазични грешки на сите страни. Ех, кога би имало тука еден КОНСЕНЗУЗ, па никој да не прави грешки. Но, според пратеникот, тој ќе биде потесен.

Loading