СТРУЧНАЦИ ГО СКЕНИРААТ СВЕТИЛИШТЕТО

Во манастирот Трескавец и црквата Успение на пресвета Богородица

Стручни лица од земјава почнаа со увид на состојбите во манастирот Трескавец и на црквата Успение на пресвета Богородица. На нашите експерти  во ноември ќе им се приклучи и стручнак од Грција, кој е планирано да ја проучува заканата од влага и опасноста од оштетувања на старата црква.

Горан Цветкоски, директор на Заводот и музеј од Прилеп, вели дека голем проблеми влагата во црквата и во трпезаријата.

– Еминентниот грчки стручњак, професорот Препис, треба да дојде на увид во ноември. Со негова помош ќе најдеме решение да почне заштитата и решавањето на влагата. За реставрација и конзервација на црквата од Министерството за култура бараме 1,5 милиони денари. Се работи основниот проект за конзервација и реставрација на архитектурата и на фрескоживописот. Почната е превентивната заштита – вели Цветкоски.

Отец Калист од манастирот Трескавец се надева дека ќе се забрзаат активностите за заштита. Додека изградбата на водоводот и канализацијата до манастирот, што е услов за новоизградените конаци да бидат ставени во употреба, е закочена.

– За изградбата на водоводот обезбедени се 10000 евра. Проектот е направен, избрана е и фирма и се очекува реализација. Се надеваме набрзо – вели отец Калист, додавајќи дека водоводот е обврска на општината Прилеп.

Од Завод и музеј Прилеп велат дека во манастирскиот комплекс Трескавец се инвестирани преку 2,5 милиона евра, од кои најмногу во обновата на конаците.

Во февруари 2023 ќе се навршат 10 години од пожарот, во кој изгореа манастирските конаци, кои се обновени.

Трескавец се наоѓа на 1280 м надморска височина во близина на врвот Златоврв. Тој е едно е од најубавите светилишта во Македонија. Бил значаен монашки и духовен центар. Претставува сложен комплекс од градби од различни временски периоди. Црквата е еднокорабна градба, во чија внатрешност е расчленета со пиластри на неколку травеи, а централниот дел е надвишен со купола. Живописот е од различни периоди. Најстарите фрески се од првата половина на 14 век. Има и од 15, па сé до 19 век. Богатата црква содржи и вредни уметнички предмети. Внатре е полна со икони од непознати иконописци од 17 и 18 век. Споменикот на културата се третира како културно добро во опасност.

Loading