ДВАЕСЕТИНА ПЕЈАЧИ ЛЕЧАТ РАНИ ТУЃИНСКИ          

На 10 јули – Македонски фолк иселенички фестивал на камената бина в центар

Идната недела, на 10 јули, на камената бина в центар, под отворено небо, ќе екнат гласовите дваесетина наши интерпретатори на народни песни на новото издание на Македонскиот фолк иселенички фестивал. Од грлата ќе “летаат” стихови и песни кои ја параат душата и предизвикуваат солзи и носталгија на македонски интерпретатори кои живеат во Германија, Швајцарија, Австралија, Шпанија, Америка, Шведска, Италија, Австрија…, пренесувајќи ја болката и грутката што ја носат во градите за родната земја. Фолклорна музичка китка ќе исткаат Славка Младеновска (Шведска), Алексо Тришоски (Швајцарија), Гашо Тришоски (Швајцарија), Цане Николовски (Шпанија), Марјан Васкоски (Австралија), Пеце Даскалот (Америка), Симе Бричот (Австралија), Ѓорѓија Тримчески (Германија), Зоран Далчески (Америка), Павле Кајмакоски (Австрија), Лефко Блажески (Австралија), Јоцо Стоиловски (Италија), Пепи Димовска (Германија), Петар Нечовски, Љупчо Јовановски – Бубе (Австралија), Ордан Ристески (Германија), Горан Ристовски (Германија), Барбара Јаковлеска (Швајцарија) Благица Павловска, Драган Драгаш (Шведска), Перо Христов, Мишко Микеле Србиноски (Америка), Лилјана Стоилковска, Нада Ангеловска (Австралија) и Зоран Ванев (Швајцарија).

Прилепскиот организатор и пејач на народни песни од Германија, Орде Ристески, успеа по двегодишна пауза да го обнови Фестивалот на дијаспората полн со фолклорни автентични ритми и акорди кои во туѓина ги лечат раните на нашите сонародници.

-Песните се мелем на срцето, радост на душата, ведрина на лицето и солзи радосници  –  вели неуморниот Орде Ристески со кадифениот глас.

Покрај работата и семејството, тој го подари животот на народната македонска музика во јабана. Годинава слави 50 години музичко и интерпретаторско творштво, заедно со бракот со неговата вечна сопатничка Павлина, вградувајќи сјајна ѕвезда во македонската фолк историја која никогаш нема да се избледнее.

Loading