ШТРК В РЕКА

Не е Силјан, но е некој потомок на шркот опеан во приказната од Цепенков. Штркот си има ново живеалиште. По долгиот пат од југ, за кој не му требало ни грам гориво, ниту пак му е важна цената, туку само силни крилја, си нашол разладување, а и по некое жабче и рипче во Градската река. Во Пелагонскиот регион овие пердувести животни најчесто се населуваат во кривогаштанско. Но, заради изобилието на храна, или заради ниското ниво на водата кое му овозможува полесен лов, штркот од “лозата” на Силјановци, си обезбедил привремен дом во Прилеп.

Се верува дека штрковите носат среќа. Доаѓаат уште пред календарски да започне пролетта. А си заминуваат на 9 август, на верскиот празник Пантелејмон. 

Овие преселници, инстиктивно знаат каде домувале, што би значело дека в година пак ќе дојде, можеби и со придружба и ќе се зголеми бројот на привремените “жители”!

Loading