ВО МИНАТОТО Е МАКЕДОНСКАТА ИДНИНА

Ги менувам чувствата: час восхит, час посраменост, час топлина во душата. Но, ова досега не сум го знаел: “што ќе ти е државата, ако ја изгубиш партијата”, изречена од оној несреќник, творец на оние несреќни договори и платформи. Македонските партии ги доживуваат државата и нејзините ресурси како плен. Тоа се тумори  што го кретенизираат општеството. Тие се секогаш во ќар, а државата во апсолутен зијан. Во Македонија веќе поодамна не може да се прави разлика меѓу вистината и манипулациите. Македонија сонува за ЕУ, а на јаве се разнебитисува. Реалност е само постоењето на Македонија и македонскиот народ. А другата реалност е само во главите на потписниците и нивните поддржувачи.

Бугарските власти се во национална еуфорија дека она што не го постигнале во три војни, ќе го постигнат во мир. Клучот лежи во историјата, идентитетот, јазикот, писмото. Ако нив ги има, тогаш таков народ има. Ако нив ги нема, тогаш таков народ нема. Но, човечката и политичка заслепеност нé чинат губење на идентитетот, а во иднина и државата.

Историјата сведочи дека се потрошени и поднесени многу индивидуални и колективни жртви, човечки жртви и судбини за одбрана на таа национална кауза. Мора да има нешто многу длабоко закопано во нас за така крваво да се бориме за својата самобитност и достоинство. Чесно е да кажам дека значаен број на луѓето што останавме до ден – денешен Македонци, сме потомци кои од својата семејна историја и траума ги црпиме силите и достоинството и помагаме жарот да не згасне сосема. Таткото на мојата мајка е убиен на Солунскиот фронт. Таткото на мојот татко – во Солунскиот затвор Беаскуле. Мојот татко – таму е, на Могилата на Непобедените (со споменица од Ј.Б. Тито). Мојот син е учесник во војната од 2001 година. Неколку генерации борци, а уште повеќе сираци. Се калеле во услови што создаваат јунаци.

Семејните истории се шепотат дома и се пренесуваат од колено на колено, не благодарение на образовниот систем, туку наспроти него.

Ние живееме во самоизолација, во земја во која владее самоцензура и подаништво, во која да си прогресивен значи да не си Македонец. Божем наши, нé управуваат туѓи марионети. Ние не го изгубивме македонското малцинство. Тоа не изгуби нас како Македонија и како Македонци. Јан Оберг – светски познат професор од Данска, угледен мировен медијатор, пред 20 години прогнозираше Македонија како идна република во Голема Албанија. Денес Еди Рама – како идна Западна Бугарија. И двајцата се во право. Шегата на Еди Рама воедно е и опомена за избор.

А Ламбе – ја украде идејата на многу вистински Македонци, како загриженост и опомена.

ПРИМ.ДР. Б. ДАМЕСКИ

Loading