ДАЛИ ЈКП ПАЗАРИ СТОПАНИСУВА НА ДИВО СО ПАРКИНГ НА ЈП ЗА ПУП?

Трговците на земјоделски производи со најмени тезги во пазарот го кренаа гласот за нелојалната конкуренција која, според нив, им ја прават струмичките градинари со амин на менаџментот на ЈКП Пазари. Трговците го  изразија револтот со протест во центарот на градот. Тие го алармираа и градионачалникот Борче Јовчески и останатите служби за воведување на комунален ред. Градинарите пак велат дека уредно плаќаат тезга. Граѓаните од околината на пазарот бараат отстранување на камионите поради нехигиената што ја создаваат земјоделците, поради несоодветните услови за одржување на чистотата на земјоделците кои живеат во камионите со недели, а физиолошките и хигиенските потреби ги задоволуваат како знаат и умеат.

Трговците сметаат дека струмичките градинари кои продаваат земјоделските култури по пониски цени од камиони и комбиња во близина на пазарот им претставуваат незаконска конкуренција која им го загрозува опстанокот на фирмите. Прстот го вперуваат во ЈКП Пазари кое, според нив, овозможува да се продава градинрски култури од камионите, а за тоа наплаќаат како да продаваат на тезга во пазарот. Тие немаат забелешки ако земјоделците нудат градинрски култури на тезгите во пазарот под истите услови како нив.

В.Д. директорот на ЈКП Пазари Игорче Крстески признава дека наплаќаат надомест за тега според ценовникот во пазарот, но не знае дали струмичките земјоделци го користат платеното или продаваат од камионите паркирани во близина на пазарот. Тој откри дека просторот каде се паркирани камионите е паркинг со кој стопанисува ЈП за ПУП. Тој вели дека ЈКП Пазари ги известило надлежни институции да помогнат за надминување на проблемот со дивите продавачи. За создавање на комунална дисциплина, според него, има други служби. Крстески потенцира дека ЈП Пазари стопанисува само со просторот во пазарот и двата маалски пазари во Точила и Марино Маало. Најавува потрага по локација за пазар на големо, затоа што оној кај стариот сточен пазар одамна им е одземен за стопанисување.

Loading