ШТРАЈК ЗА ПОВИСОКИ ПЛАТИ

Наставниците во училиштата и воспитувачките во градинките

До вчера СОНК (синдикатот на образование, наука и култура) и Владата немаа постигнато договор за прекин на штрајкот во образованието и во градинките. Синдикалците бараат зголемување, односно усогласување на платите според колективниот договор, што значи пораст за околу 18 отсто.

Покрај ситните притисоци за продолжување на работата и ставање на децата пред социјалните интереси на вработените во образованието, синдикалците одолеваат и не ја продолжуваат наставата. Во знак на протест не работат наставниците во сите пет средни и седум основни училишта во градот и населените места во општината Прилеп. Учениците седат дома и не посетуваа настава. Нема инциденти.

Во штрајкот се вклучени околу 80 отсто од вработените во шесте градинки на установата за згрижување на деца Наша иднина. Таму атмосферата е мирна. Се згрижуваат децата кои родителите немаат каде да ги остават додека се на работа.

Билјана Петкоска, претседател на синдикатот во градинките, изјави дека не се попречува функционирањето.

-Од 124 членови на синдикатот, 114 штрајкуваат во посебни простории, не попречувајќи го функционирање на објектите. Се работи според планот во услови на штрајк, договорен со директорот и според законот. Мирно е – вели Петкоска.

Христина Трпческа, директорка на градинките Наша иднина, вели дека во секоја градинка се ангажирани по две негувателки и воспитувачки.

-Ангажирани се две воспитувачки и по две негувателки во секој објект. Дел се од оние кои не се вклучени во штрајкот и дел се ангажирани врз основа на договор со општината. Згрижувањето се одвива со обезбедување минимум услови, според законот – вели Трпческа.

Loading