ПОКЛАДИ ЗА ПРОШТЕВАЊЕ

Празникот Прочка или Велики Поклади познат и како Проштени Поклади. Со Прочка почнуваат и долгите пости за пречек на Велигден. Проштевањето има христијанска основа. Тоа е сфаќање за помагање и проштевање меѓу луѓето. На овој ден се проштеваат и небото и земјата. Тоа треба да го направат луѓето. Небото затоа што í згрешило на земјата со громови, мразеви, поројни дождови и сл. бара прошка. И луѓето еден од друг бараат прошка за грешките. Секогаш помалиот бара прошка од постариот, децата од родителите, крштеникот од кумот, а се проштеваат и пријателите, роднините, соседите.. Откако трипати ќе се поклони помладиот му вели на постариот: “Прости ми!”, на што овој одговара: “Простено да ти е и од мене и од Господа”. Во некои краишта тој што барал прошка носел некаков подарок како портокал, лимон, суво грозје, алва, јајце и др. Така портокалот станал симбол на проштевањето. Младите вљубени се проштевале на чешмата со по некој бакнеж, зашто за Велигденските пости и бакнувањето било грев.

Амкањето е обичај кој кај децата причинувал радост. Варено бело јајце се прободувало со игла, а потоа низ него се провирал конец кој се врзувал за урка за таванот. Најстариот, домаќинот, го држел конецот и, почнувајќи од постарите, амкале сите, обидувајќи се да го лапнат јајцето без да се послужат со рацете. Велат, чинело барем јајцето да се допре со забите да бидат бели и здрави. Ако некој го лапнел јајцето, му го давале да го изеде.

Loading