ШТО БЕШЕ ТОА “ДРАГОМАН”

Во извесно друштво, во неврзан разговор, се спомна зборот “драгоман”. Сме го слушале тој збор и некогаш порано, но ете, сме го заборавиле неговото вистинско значење. Еден од присутните тврдеше дека тоа е машко име, српско. Се спротивставивме. Со сигурност знаевме дека тој збор означува некакво занимање и никако не може да биде машко име, име на човек. Соговорникот беше настојчив. Тврдеше дека и сега, во Порече постојат такви имиња. Таму, во некое поранешно време постоеше српско влијание, па ете и до денеска се среќаваат такви имиња. Никако не можевме да го прифатиме тоа. Но, за да не зборуваме напразно моравме да пребаруваме во разно – разни речници. Регистриран е зборот насекаде. Секаде е објаснето дека е тоа архаизам. Регистриран е дури и во речникот на охриѓанецот Јанаки Стрезов каде вели дека зборот е од турско потекло. Речиси насекаде е објаснето дека зборот значи толкувач, преведувач, во разни дипломатски претставништва во источните земји. Зборот има и друго значење. Во новиот Толковен речник на македонскиот јазик пишува дека покрај значењето дека “драгоман” е преведувач, тој збор означува и предводник на група работници, жетвари. Во Речникот има приведено и реченица која гласи: “Сите го почитуваа стариот драгоман”. Кај нас тој збор е дојден од турскиот јазик. Но, Братољуб Клаиќ означува дека зборот има арапско значење. А постојат повеќе такви арапски зборови кои кај нас влегувале преку турскиот јазик. Најголем број од нив се веќе архаизми, како што е случајот и со “драгоман”.

Во односниот разговор што го споменавме во почетокот, стана предмет на разговор и зборот “рокан”. Никој од присутните немавме некое поточно сознание за значењето негово. Пребарувајќи во речниците не можевме да го сретнеме. За чудо, го сретнавме единствено во речникот на Јанаки Стрезов, но со некакво не многу јасно објаснување. Вели дека е тоа некоја светлива направа од телешка кожа за обувки (обушта, како што вели тој). Да кажеме дека Јанаки Стрезов е роден во Охрид во 1818 г, а умира во Софија во 1903 година. Своевремено, кога уште постоеше чевларскиот занает, како да се присеќаваме дека сме го слушнале зборот “рокан”. Матно е сеќавањето, но ете, останало нешто. Сепак, не можеме ништо да тврдиме. Значењето на зборот “рокан” ни останува, исто така, замаглено. Можеби некој ќе знае нешто повеќе? Испуштивме да кажеме дека Јанаки Стрезов забележува дека зборот има француско потекло.

Да се вратиме во денешниве состојби. Во некое поранешно време, квизовите беа мошне гледани и нетрпеливо очекувани. И навистина беа интересни. Денеска не е така. На нашиот Национален сервис се емитуваше и сега повторно се емитува квиз. Толку млитав, толкубезбоен, нединамичен, што не предизвикува никаков интерес. Ама баш никаков. Гледаме квиз подолго време и на ТВ Сител. Можеби тој е нешто поинтересен, но водителот е посебна приказна. Многу, премногу јазични грешки слушаме од тој човек. И порано сме пишувале за тоа. Во некоја од последните емисии, водителот разговара со учесниците. Станува збор за тоа како ќе се одвиваат работите понатаму. Нашиов водител вели: “Живи били па видели”. Зар никој од таа ТВ куќа не го контролира овој човек? Зар никој не ги контролира неговите јазични грешки? Тој постојано ги прашува учесниците “Дали сте подготвени”? Па, драги наш водителу, подготвени можат да бидат оние кои оделе на подготовки. Овде не станува збор за тоа. Овде прашањето треба да гласи “Дали сте готови”? Во српскиот јазик тоа би гласело: “Јесте ли спремни”, а не “припремљени”. Нашиот збор “подготвени” соодветствува на српскиот збор “припремљени”, а не “спремни”. Многу грешки се прават со овие зборови. И пред некој ден чувме дека Франција била подготвена да и помогне на Македонија. Не! Франција може да биде готова, а не подготвена. Таа не одела на подготовки, туку имала готов став, готов однос, готов пристап кон тој проблем, била ГОТОВА.

Loading