СО ПРЕЗВИТЕРАТА ЕЛЕНА БИЛЕ МОШНЕ ИМОТНИ И УЧЕНОЉУБИВИ

100 години од смртта на протоерејот Панто Ацев

Протоереј Панто Ацев бил син на свештеникот Аце (род. 1810 год.) и презвитерата Анна, (род. 1821 год.). Годините на смртта на неговите родители не се познати. Семејните корени на отец Аце биле од Струга, а свештеничко образование стекнал во Неготин, во Тимочка Краина, Србија.

По завршувањето на свештеничкиот курс, отец Аце дошол во Прилеп, се оженил со убавата Анна, ќерка на прилепски свештеник, кој уживал почит во Прилеп, па затоа неговото семејство било прочуено не само во Прилеп, туку и подалеку. Според неа, потомството било познато под семејното име, изведено од прекар: „Од Попанана” – „Од попот на Анна”. Официјалното презиме на прота Панто, според тогашниот егзархиски обичај, најпрво било Ацев, па за време на српската окупација да биде преправено во Ациќ, а по ослободувањето извесно време потомците се презивале Ацески, за денес, по машка линија, да се водат по презимето Попоски.

Колку деца имале отец Аце и презвитерата Анна не е познато, но според семејниот Поменик за покојните, тоа е можно да се претпостави. Нивна рожба бил и прота Панто. Според семејниот Поменик, но и според тврдењето на неговото семејство, тој бил роден во 1849 година, но судејќи според Протоколот за починати при црквата „Свето Благовештение” од 1922 година, под реден број 284, страница 156, каде што е забележано дека починал на 75-годишна возраст, со сигурност можеме да заклучиме дека тој е роден во 1847 година.

По стекнувањето на основна писменост во некое ќелијно (манастирско) училиште во Прилеп, завршил и свештеничко образование. Се оженил со Елена, која била ќерка единица на Коне (Константин) и Анастасија. Презимето на презвитерата Елена не е познато. Елена од мали нозе останала сирак, па била одгледана и воспитувана од нејзиниот вујко, отец Спасе Игуменов, тогашниот претседател на Прилепската црковна општина (1884-1887) и една маркантна личност во историјата на Македонската Црква.

За жал, неможно е да се дојде до податоци за тоа, каде и какво образование имал завршено отец Панто, но грижата која ја покажале кон своите чеда, доволно сведочи дека тие биле мошне имотни и ученољубиви. Фактот дека е ракоположен за свештеник околу 1900 година, сведочи дека отец Панто извесен период работел како вероучител, а по потреба за квалитетни свештеници, прекинал со вероучителската дејност и бил ракоположен во свештенички чин. Бидејќи во тоа време Прилепската црковна општина била под јурисдикција на Егзархијата, претпоставуваме дека за свештеник бил ракоположен од егзархискиот Митрополит Авксентиј.

Отец Панто и презвитерата Елена имале пет деца: Параскева, Катерина, Сотир, Михајло и Љубен.

ГРАМОФОН НА НАВИВАЊЕ И ГРАФИТНИ ПЛОЧИ

 Отец Панто и презвитерата Елена живееле во прилепското маало Воденички камења, на улицата која пред Втората светска војна се викала Цетинска, по Војната – улица 144, а подоцна била преименувана во Орде Чопела. Во близината на нивниот дом биле куќите на Шабановци, Присаѓаните, Алимасковци, Чатлевци, Калојновци, Шикевци…

Во семејниот имот на отец Панто се влегувало низ едно мало вратниче од голема и дрвена порта, која речиси и никогаш целосно не се отворала. Во почетокот на дворот имало две-три простории, кои им служеле како економски дел или коњушници, а подоцна биле преадаптирани за живеење на Катерина и Стефан Масникоса. Во долгиот двор на отец Панто имало и убаво уредена бавча, засадена со круши кантарки, вишни и друго овошје. Низ бавчата се доаѓало до прекрасната куќа со голема веранда, во која по смртта на отецот, живеел неговиот син Сотир Попоски – Попанана со семејството. На куќата се надоврзувале економски простории преполни со бочви со вино и овошје, гулабарник, остатоци од печатница… Во средината на тркалезниот двор се наоѓал бунар, дрвен летниковец со мермерна маса, прекрасни и големи саксии со цвеќиња. Во куќата на отец Панто бил купен и еден од првите грамофони на навивање во Прилеп, а неговиот син поседувал и голема збирка на графитни грамофонски плочи.

Извор: Олд Прилеп

Loading