СВРШУВАЧКА, А НЕ ВЕРИДБА

Како насекаде што среќаваме јазични грешки, така и во преводите на ТВ сериите. Разликата е во тоа што при преводите грешките се повторуваат и бројот станува поголем и предизвикува револт. Се емитува некоја руска серија. Извонредна. Читаме превод, извонредно лош. Мошне често во серијата станува збор за свршувачка, но нашиов преведувач редовно во преводот користи збор – “веридба”. Незнаејќи дека зборот не е наш, ги користи сите можни варијанти – веридба, вереница, верени… Сите тие зборови се преземени од српскиот јазик, без потреба. Зошто? Па нели песната гласи – “Се посврши сербес Донка”. Ете, СЕ ПОСВРШИ, а не СЕ ВЕРИ. Еве стих од друга, многу стара песна:

“За мојата Ката, мила севда

за другега, џанам, посвршена”

Покрај многуте примери, еве уште еден:

“Кога ќе иде мојот свршеник,

кога ќе иде у лепа црква,

јас да го видам мојот свршеник”

Примери безброј. И од најстаро и од најново време. Не ги слушнал преведувачот. Затоа безброј пати употребува веридба, вереник, вереница… Од лекторот ниту, трага ниту глас. А за тоа земаат плата. Должни да го знаат убаво македонскиот јазик. Во други области следуваат казни за грешка во работата. Оние кои ги направиле грешките се подложени на одговорност. За јазичните грешки, никој не одговара. Зборува и пишува кој како сака и како знае. Како јазикот да е најневажната работа во светот. Нашиве луѓе се однесуваат така.

Во преводот од филмот слушнавме една ваква реченица: “Овде станува збор за некаква смицалица”. Не сме го слушнале досега зборот “смицалица”. Сме го сретнале во некои српски текстови или во разговор со Срби. А што би требало да значи тој збор? Тоа би било некаков трик, некаква лукава измама, итроштина со која некој некого измамил, го изиграл. Тој збор нема никаква основа, корен во македонскиот јазик. Немаме таков збор. За него не може да се бара буквален превод. Во таква ситуација, врз основа на контекстот, врз основа на смислата, се бара превод на некој друг начин, со други зборови или изрази. Преведувачот, во конкретниов случај тргнал по најлесниот пат. Го зел српскиот збор ,а можеби и не знаел дека зборот не е наш, макар што тоа лесно се препознава.

Во политиката не се доброваат грешките. Паѓа в очи една нелогичност која премногу често се слуша. Партиите меѓусебно се обвинуваат во многуте меѓусебни престрелки. Слушаме израз: “оговор на дело”. Некоја партија примала многу работници со “Договор на дело”. Слушнавме дека мнозина од нив земале плата, а не оделе на работа. Тоа нека го решаваат соодветните институции. Нам ни го сврте вниманието токму тоа – “Договор на дело”. Погрешен е изразот. Тоа се работници кои не се примени, кои немаат воспоставено работен однос. Со нив се прави договор за извршување на извесна работа, за извршување на извесно дело. По завршувањето на работата престанува (треба да престанува) нивниот работен однос. А штом е така, штом тие се примени за извршување на некаква работа, некакво дело, тогаш изразот треба да гласи – “Договор за дело”, а не “Договор на дело”. Не можиме да го објасниме значењето на тој израз. Сме слушале да се вели дека крадецот бил фатен на дело, тогаш кога го извршувал тоа дело. Во “Договор за дело” не станува збор, не е јасно (барем за нас) што значи тоа.

Затоа – ДОГОВОР ЗА ДЕЛО! Договор за извршување на некакво дело.

Loading