ДЕЈАН ДЕЈСТВУВА

За трагедијата што се случи во Бугарија со изгорениот автобус, слушавме разни информации. Многупати бевме информирани дека автобусот удрил во банкината и потоа се запалил. Чудно звучеше таа информација. Банкината е рамен простор, обележан со посебна лента, на крајната десна страна. Како може автобусот да се удри тука, па дури и да се запали? Потоа слушавме дека автобусот удрил во металната заштитна ограда. Тоа веќе може. Слушајќи ги извештаите од бугарските стручни луѓе, автобусот удрил во мантинелата и се запалил. Ете, Бугарите го зеле тој збор “мантинела”. Француско му е потеклото. Тој е метална заштитна ограда. Инаку тој збор означува некаква ограда. Може на некој спортски терени, на некои други објекти. Граничниот дел на масата за билјард се вика мантинела. Бугарите и таму го употребуваат, а кај нас го викаат “спунт”. Од каде потекнува тој збор не е познато. Кај нас е влезен (најверојатно) преку српскиот јазик. Сме слушале дека во српскиот јазик, тој граничен дел од билјардот, се вика “спунт”. Во случајот со автобусот, Бугарите го зеле зборот “мантинела” а кај нас најчесто се вели “метална заштитна ограда”. И добро е така. Тоа е сосема точно. Нејасно е зошто толку често слушаме од нашиве ТВ дека автобусот удрил во банкината. Се разбира, погрешно. Банкината е рамна површина. На неа можат да се извршуваат разни дејства. Тука не може да се удри автобус, па дури и да се запали од ударот.

Еве една друга нелогичност слушана порано. Стануваше збор за некаков лекарски третман или можеби за вакцинирање на децат. Како и да е. Тоа не е важно. Слушавме ваква реченица: “Децата од 0 до 14 години”. Ова е сосема нелогично. Која е таа возраст кога детето има 0 години? Кога би се рекло, на пример, од 2 до 10 години, станува јасно за која возраст се работи. А од 0 до 14 е нејасно. Не постои дете кое има 0 години. Освен нероденото дете. Штом ќе се роди, тоа веќе има извесен, макар и најмал дел, од својата прва година. Не може да постои дете со 0 години. Тоа можеби нема навршено цела година, но тој период, рековме и најмал, не може да биде 0. За ваквите случаи, кога станува збор за најмала возраст, најдобро е да се рече: “Деца до 14 години”, без да се истакнува некоја долна граница. Ова го сметаме за нелогичност, а се слуша доста често. Чудно, на сите ТВ.

Сме слушнале и сме прочитале доста правописни недоследности. На една од нашиве ТВ слушнавме и прочитавме извесно презиме кое гласи ДЕАНОСКИ. Редовна и мошне честа грешка. Презимето ДЕАНОСКИ, произлегува од името ДЕЈАН. За жал, често го среќаваме и како ДЕАН, без “Ј”. Веројатно тоа е резултат од неписменоста на матичарот. Значи, името е ДЕЈАН, а не ДЕАН. Тоа е човек кој дејствува. Такво му е значењето. Потекнува од старословенскиот јазик – дъелати. Има многу такви случаи кога матичарот напишал погрешно и човекот цел живот го носи со грешка. Не се се само матичарите. Грешки се среќаваат кај многу други странски имиња. На пример, античката драма “Медеја”, често ја има како МЕДЕА. Без “Ј”. Античкиот град Хераклеја треба да се пишува ХЕРАКЛЕЈА, а редовно слушаме или читаме ХЕРАКЛЕА, без “Ј”. Многу луѓе не знаат (а треба да знаат) дека не треба да се прави таква правописна недоследност. За жал, ваквите грешки ги среќаваме најчесто од медиумите. Таму, каде што е недозволено.

Loading