ОТПЕЧАТОК, НЕ ОТИСОК

Имало проблем на границата меѓу Белорусија и Полска. Многу мигранти се обидувале да преминат од едната во другата држава. Полицијата била принудена да употреби водени топови. Така бевме информирани. ВОДЕНИ топови. Го слушаме тоа мошне често, од сите телевизии. Зошто новинарите и лекторите уште не разбрале дека изразот “водени топови” значи дека станува збор за влажни топови. Зборот водени значи влажни, наводенети. А полицијата при такви ситуации употребува ВОДНИ топови, а не ВОДЕНИ. Има разлика нели? Но, еве нашиве новинари уште не го сфатиле тоа. Сме слушале да се вели и “водени” животни, што е погрешно. Тие се водни животни. Мала е разликата во пишувањето, а во значењето е голема.

Се прави една друга грешка при не настојувајќи малку да се размисли. Ја забележуваме во преводите од ТВ филмови. Некоја домаќинка одгледува домашни птици – кокошки, гуски и друго. Читаме превод дека сопственичката ги клукала. И во овој случај разликата во пишувањето е мала, а во значењето голема. Кокошките или гуските се колкаат, а не се клукаат. Кокошката колва, нели? “Клука” значи удира. Птицата клукајдрвец удира по дебелите дрва, клука со клунот и прави дупка во која прави гнездо. Тој збор се употребува и при некои болести. Ќе речат постарите луѓе дека ги клукаат колениците. Ги болат. Своевремено, кога немаше електрични ѕвончиња, на портите се поставуваа одредени клукала (чукала) на кои чука (клука) дојденецот да му отворат. Чудно е зошто во последно време како да им се изедначува значењето на глаголите “клука” и “колка”. Многу одамна, кога беше направен преводот на “Сомнително лице” од Бранислав Нушиќ, во една реплика стои “колкана династија”. Во оригиналот, во српскиот текст, стои “кљукана династија”. Во нашиот јазик зборот е КОЛКА, во српскиот тој збор е КЉУКА. Но, еве во денешно време како да не се согледува тоа.

Пак во превод на ТВ филм. Се зборува дека извесна готвачка треба да зготви вечера. Во дијалогот меѓу двајца актери, едниот му наредува на другиот, да подготви вечера. Односно, така читаме во преводот. Тоа го слушаме и речиси, во сите емисии кои се однесуваат за здрава храна, нови рецепти… Водителите и гостинките го употребуваат зборот “подготвување”. Се знае дека храната, манџата се ПРИГОТВУВА или се ГОТВИ, а не се подготвува. И нашите баби готвеа манџи, а не подготвуваа. Придавката “подготвен” се користи мошне често (погрешно) кога треба да се рече дека некој е готов, а не подготвен. Подготвен може да биде оној кој одел на подготовки, се подготвувал. Германија е готова (решена) да í помогне на Македонија за влегување во ЕУ. Ние редовно слушаме дека е ПОДГОТВЕНА. Штета што не се прави разлика меѓу придавките ГОТОВ и ПОДГОТВЕН. Готов е оној кој има константен став, кој во секое време е решен да изврши некоја работа или да го искаже своето мислење, својот однос за определен проблем.

За време на локалните избори првпат се користеше специјален апарат за земање на отпечатоци од прстот. Велиме ОТПЕЧАТОЦИ, но од нашиве презентери слушавме дека станува збор за ОТИСОЦИ. Зошто го користиме тој српски термин? Сме го слушале тоа и порано, се разбира поретко. Особено при вадењето на лични карти, возачки дозволи и такви слични документи. Точниот термин гласи ОТПЕЧАТОК. Многу ретко го слушнавме ова за време на изборите. Сите велат ОТИСОЦИ. Обичните луѓе го слушаат ова секојдневно и мислат дека тоа е точното. За жал, ваквите случаи се чести!

Loading