За жените жртви на семејно насилство
Во рамките на проектот Институционализирање на квалитетни сервиси за жени жртви на семејно насилство со поддршка од Националната мрежа против насилство на жените и семејно насилство поддржан од Австриската агенција за развој (АДА) во реализација на ЖГИ КЛЕА Битола, се одржа презентација на наодите, заклучоците и препораките на жртвите за семејно насилство во Прилеп. Меѓудругото беа презентирани обврските на локалната самоуправа во согласност со новиот закон за превенција и заштита на жртвите од семејно насилство.
Целта е идентификување на клучните предизвици, специфичните карактеристики и потреби со кои се соочуваат жените, жртви на семејно насилство, откако решиле да го напуштат сторителот, но уште не го сториле тоа или пак веќе го напуштиле. Прибраните податоци служат за идентификување на специфичните карактеристики на оваа таргет група и се проценуваат потребите за институционална помош и поддршка.

Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство продолжува интензивно да воспоставува услуги за реинтеграција на жените – жртви на насилство и семејно насилство на локално ниво. Наодите се проценка на потребите на жените – жртви на насилството и семејното насилство во Прилеп.
35 отсто од жртвите не го пријавиле насилството од економски причини поради недоверба во институциите. Не поседуваат сопствено живеалиште 60 отсто. Точно 95 проценти од жените кои го напуштиле насилникот живеат во домот на нивните родители или семејства .Оние кои не можат да се сместат кај роднините, не го напуштаат насилникот поради страв од бездомништво и сиромаштија. Ниту една жена не добила финансиска помош од Општината. А 85 проценти од жртвите кои побарале помош во Центарот за социјална работа не биле информирани за можностите за економско јакнење и помош при вработување. Во Прилеп нема специјализирано советувалиште за помош и поддршка на жените и децата кои се жртви на насилство. Нема ниту засолниште за заштита на жртвите од насилство, ниту можности за безбедно домување на жртвите и нивните деца по напуштање на насилната средина. Жртвите не се препознаени како посебна ранлива категорија во програмата на локалната самоуправа.
На работната средба присуствуваше градоначалникот Борче Јовчески и претседателот на Советот, Дејан Проданоски претставници од Центарот за социјални работи, Агенцијата за вработување, претставници од Советот на општината (членови на КЕМ) и од редот на вработените како и претставници од граѓанскиот сектор.
![]()

