„МАКЕДОНСКАТА ПОМПЕА“ – СТИБЕРА – КРИЕ ГОЛЕМО БОГАТСТВО

Мермерен жртвеник – ара посветен на богот Хермес, како и биста на Фаустина, жената на римскиот император Антониј Пиј кој владеел во средината на 2 век, две мермерни маси, се откриени на локалитетот Стибера во годинашните истражувања на прилепскиот Завод и Музеј. На едната маса била најверојатно поставена терезија – вага. Тоа било местото за верификација на тежината на овошните плодови, зеленчукот и житарките кои се продавал. Другата претставува редок наод, првпат откриен во Македонија. Тоа е т.н. Мерна маса за верификација на количините на течните продукти (млеко, вино).

-Наодите се вредни и го потврдуваат значењето на Стибера – вели археологот Душко Темелкоски, раководител на проектот за истражување.

Годинава се изведуваше третата фаза на просторот до храмот на заштитничката на градот Тихе. По завршувањето на археолошките истражувања, архитектот Кире Јованоски извршил конзерваторски анализи да може следната година да се реконструира и да се конзервира откриениот дел од агората во Стибера. Археологот Темелкоски се надева дека ќе се добие уште една репрезентативна градба, покрај храмот на заштитничката на градот, Тихе. Според него, заживувањето на античкиот урбан центар на областа Дериоп, Стибера, како значајна туристичка дестинација, го заслужуваат жителите на селото Чепигово, кои се гордеат со неа и помагаат при археолошките истражувања.

Loading