КАДЕ СЕ КОМПАНИИТЕ?

Белешка

Читам во финансискиот портал Пари дека меѓу стотте компании, фирми од Македонија, со остварени најголеми приходи лани се и четири прилепски фирми. Ашколсун, си велам. Добро е што има наши, овдешни, локални фирми меѓу стоте, би рекол, најбогати во Македонија. Меѓу десетте најдобри, мерено финансиски седум се од Скопје, а другите три од Кавадарци, Македонска Каменица и Радовиш.

Каде се нашите компании што на времето во бивша Југославија се натпреваруваа на финансиски план со многу побогати, попознати, тогашни фирми по остварени приходи во една година. Меѓу стотте најдоходовни лани на 67 место со остварени 2.56 милијарди денари е прехранбената индустрија Витаминка, потоа на 85-то место е конфекцијата Конфи Ангел со две милијарди, па Гентерм со 1,7 милијарди. На стоттата позиција е Прилепската пиварница со остварени 1,6 милијарди денари. Каде некогашните гиганти што беа меѓу најдобрите на југословенско ниво??! Ги нема меѓу стоте рангирани како најдобри македонски компании. Таму се сигурно некои други.

Некој со право ќе го постави прашањето? Што се секираш, кога си пензионер? Баш ти е гајле каде се прилепските компании?

На поставувачите на ова прашање ќе им одговорам. Баш не ми е сеедно. И вам не би требало да ви биде сеедно. Оти, од повеќето прилепски компании во списокот на стотте најдобри зависи понатаму, како Прилеп ќе се развива, колку вработени ќе има (што сега кандидатите за градоначалници се “тепаат” со “че ја намалам невработеноста”, демек ќе има нови вработувања! А, каде  ќе ги вработуваат?

Да ги потсетам тие кои “забораваат” секое утро во работните денови претпладне пред седум часот беше врвулица од автобуси низ градот. Едни полни носеа работници во Политекс, Билјана, Димче Бањарот, Тутунскиот комбинат, Мермерниот комбинат, Витаминка, а од другата страна во ДИК Црн Бор, Еуроинвест, Партизан, Металец и други помали. Немаше ТИРЗ. Имаше многу вработени во сите фабрики. Попладне, кога ќе завршеше смената, пак истата слика. Имаше и втора и трета смена, зависи од технологијата на фабриките. Сега вработените во администрација не користат автобуси. Сé им е тука, дома, што се вели во центарот. На работа доаѓаат со такси, ги носат сопрузите со лимузини или модерни џипови. Доаѓаат, влегуваат во “фирмите”, се пријавуваат, се потпишуваат со смарт картички, го пијат кафето и брзо, брзо  го отвораат компјутерот и се залепуваат на Фејсбук. Па, ти “реков – ми рече”, со истомислениците и разговор со мајките, (не верувам и со свекрвите ако ги имаат). И толку! Дојде време за пауза. Трк сега пешки в центар, пак на кафе во некое од многуте кафулиња да  бидат видени и да продолжат со “ти реков – ми рече”. И ним им е мала платата? Ниски им биле примањата. Па се бара намалување на работното време во петок. Дури им поделија и К-15 дискретно. Од што се “преморија”, што работеа пет дена во неделата, па да им се намали “работното време” и да им се зголеми платата! Пак прашувам, зошто сега, токму пред избори, се покреваат овие прашања? Сме или не недоветни или сакаме да се правиме такви да имаме подобро оправдување. Ова некако ми доаѓа како – “Мижи Асан да ти баам”! И, не само тоа. За да се одоброволат работниците се побара недела да не биде работен ден, без да се прашаат газдите на фирмите. Значи есап без крчмар! И, пак сето ова заради претстојните избори!

Loading