СОВЕТИ ЗА НОВИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК

Белешка

Слушам, читам, дури петмина кандидати сакале, ќе ,,трчале,, да го освојат првото место на локалните избори и да станат градоначалник. Аирлија нека им е! Мене сеедно ми е кој ќе биде. Оти? Оти, еден ќе биде. А, во животот мој, а и со професијата сум избрал и, се разбира, сменето којзнае колку, најпрво претседатели, а потоа градоначалници. Сигурно  преку десетина, некаде од шеесеттите години. Нејсе!! Се заборава, време слама продава!

Овојпат директно се обраќам до оној градоначалник што на 17 идниот месец ќе има најмногу гласови и се разбира ќе биде избран за прв човек на Прилеп. Му се обраќам преку весников за некои работи што, според мене, треба да ги реши меѓу првите. Да му бидат приоритет. А, сите се од областа на дејноста што би требало да ја врш – комуналиите.

На пример, мислам дека треба да се коригираат кружните текови, да се направат по прописи сообраќајни, а не според пријателски наоѓања. Не е ли срамота да има кружен тек кај Солидност? Таму можеби ќе требаше да се постави на средината синијата на која баба ми Вита месеше зелници и колпишмидиња. И оној кај поштата, на што личи?. Под итно да се реши сообраќајот кај новата автобуска станица. Тешко на камионџиите коиодат кон царинскиот терминал и да растоварат или товарат нешто. Да не биде во градот терминалот за тешките возила кои превезуваат мермерни блокови, потешки дури и од 30 тони. Да се премести, да се изгради, изнајде решение било какво кај Плетвар. Ако нема кој да му каже, нека ме праша мене! А, терминалот може да биде преместен во ТИРЗ просторот кај Алинци, или на друго место, а не да биде среде в град.

 Нека ме праша да го реши статусот со водоснабдувањето преку регионалниот водовод Студенчица. Ќе му кажам дека за изградбата на овој тогаш најголем и најдолг водовод во поранешна Југославија имаме снимено филм  што треба да се префрли од филмска лента на ЦД техника да се прикажувува на повеќе ТВ. Требало да се знае дека ние прилепчани дадовме најмногу за градбата на водоводот. Ако е во добра состојба, филмот треба да е во Историскиот архив.

Да се решат кучињата скитници низ градот!   Да се реши паркирањето. Градот има многу возила и две катни гаражи, но и многумина наплаќачи за паркирање и на места каде што не треба да се паркираат возила. Да се размислува за нова монтажна гаража. Каде?! Нека ме праша мене, ако не можат да му кажат инженерите и други стручни соработници, на кои не им се знае бројот кога влегуваат и излегуваат од новата општинска зграда секој ден.

Забелешкиве не значи дека се токмам да му бидам советник на новиот градоначалник. Не, не се гребам! Само давам идеи за пофункционален град, односно градоначалник. Оти, ние, граѓаните учествуваме во изборот и на советниците на Советот на општината. И толку! Повеќе не ги гледаме, освен на ТВ понекогаш кога ќе имаат седница. А, тие,  покрај другите приходи што ги добиваат на работните места, добиваат и паушал, засега од петнаесетина илјади денари месечно, а со граѓаните немаат средби, договор за нешто што би сакале да биде сменето во нашиот Прилеп.

Ова е поттик и за другите читатели на Зенит за свои предлози, мислења, идеи и слично за да имаме подобар, почист град за сите.

К.Р.

Loading