ПРЕСЕЛБИ

Белешка

Многу, многу динамичен стана животот. Или времево ,,се движи,, ептен брзо. Дури сме разбрале за едно, веднаш, ако не истиот ден, ами другиот, или по два дена, нов настан за бранување на јавноста, овдешнава, тукашнава. Нема крај со ујдурмите што ни се случуваат или сами ги предизвикуваме. Што  би рекол некој, од невнимание го кркаме, и тоа не само еден, двајца, ами цела нација, како онаа од песната.

Но, да го оставиме тоа за платените и за оние кои за тоа земаат многу пари. Ене како оние вратарине во Комерцијална банка. Стојат зад врата и ја отвораат за да влезат двајца или тројца чекачи. Му доаѓа како онаа –  ,,Нишај врата и земај плата,,. Тие биле обезбедување. Не пуштаат внатре или само  двајца на три шалтери. Пред вратата се чека надвор на жешко, какво и да е време,  а тие пуштените внатре небаре ги прават операција, не дај боже!!

Друг е муабетов. Малку прилепчани, особено младите, не знаат каде се наоѓа Орта маало. Така се вика, оти во турско живееле таму доста Турци. Покојниот ми дедо, некаде во дваесетите години од минатиот век купил таму куќа. Таму сум се родил. Околните жители, наши сограѓани, иако овде родени во педесетите години од минатото столетие,  полека заминуваа за Турција, кај своите роднини, претежно во Измир и Истанбул. Тоа го чинеа самоволно, без некој да ги брка. Слично или малку поразлично беше и со муслиманските семејства од Санџак и од селата босански во време на СФРЈ. Сакаа да се преселат во Турција. Застанале на ,,одмор,, во прилепско кај селата Десово, Лажани, Дебреште… Таму живееја христијани. Новодојдените се завикаа ,,Санџаклии,,. Заседнаа и станаа мнозинство. Некоја сега од интерес ги нарекува Бошњаци. Почнаа и партии политички да формираат. Се пишуваа по народност. Со професорот Нијази Лиманоски, едно време се водеше кампања сите новодојдени и другите од западна Македонија да се пишуваат како Македонци Муслимани. Оттогаш ги носат имињата како што ги крстил нѕункото, а презимињата им завршуваат на ,,ски,,. На пример,  Муаремоски и слично. 

По одделувањето на Македонија од Федерација околу199 година, сакавме да им помогнеме на Македонците од Мала Преспа, Пустец и околните села. Добро се сеќавам кога дојдоа два автобуса со жители, мажи и жени и деца. Дојдоа и заминаа по наше, прилепско наоѓање за Мариово. Откако видоа дека е запустено, бетар од Пустец, веднаш, одморени се вратија назад. Велеа – ,,Ваква пустелија имаме во Албанија, каде што сега живееме,,.

Во деведесетите години додека траеше војната во Босна и Херцеговина,  Македонија даде согласност да дојдат жители во прилепската касарна. Се крена голема врева. Прилепчани не дозволија босанските бегалци да се сместат во касарната. Луѓето заминаа.

Не знам сега што ќе биде со оваа ,,добродушна,, акција за прибирање на бегалците од Авганистан. Како што чув, во Скопје, некаде кај Бардовци, или Визбегово, се планира градба на прифатни сместувачки домови за бегалците од Авганистан. Околните жители, на кои бегалците ќе им бидат комшии, не сакаат соседи од далечната источна земја. Причините се подразбираат. Страв да не станат и тие староседелци и да побараат да бидат ,,внесени,, во Уставот наш, македонски. Не верувам. Ќе заминат и тие како нашинците од Пустец, кога видоа што луѓе сме и колку сме финансиски богати или модерно, развиени како земја! 

К.Р.

Loading