ПАЗАР

Белешка

Секоја среда и сабота (пазарните денови во Прилеп) уште рано наутро пазарувам. Тоа го чинам одамна, а не од сега. Се навикнав уште не разместени земјоделските производи по тезгите да им речам на пазарџиите (оние што нудат  артикли, зеленчук, овошје) – ,,Аирлија,,.

Одамна знам на градското пазариште на која страна се нудат, тукашни, домашни производи, односно производи од производители и оние од препродавачите. Изгледа препродавачи има повеќе отколку производители од Пепелиште, Моноспитово и другите села струмички, од селата кавадаречки, а и од прилепските. Порано, прилепските препродавачи со автомобили секој вторник и петок заминуваа до производните реони од Македонија на набавки на она што претпоставуваа дека во средата и саботата ќе се бара од потрошувачите. Таму се пазареа и купуваа по една цена, а овде донесено на тезга се продаваше по повисока цена.

Сега не е така, производителите преку Плетвар и од прилепско носат тука наутро, а прилепските препродавачи им ги купуваат на големо и потоа на нивните тезги ги нудат на потрошувачите поскапо.

Ова ме асоцира на сегашнава состојба, а и од порано со сите, не само локални, ами и другите претседателски, парламентарни и секакви избори. Ете, се формираа и уште се формираат ептен многу партии за подрачје како што е ова нашево. Двете македонски големи политички партии, позиција и опозиција и една во албанскиот кампус, а другите сите мали и како мали кучиња миначиња само џавкаат без да го плашат минувачот. И!? И веднаш по првиот куг од овие и било кои други избори зависно од добиените гласови на едните и другите, се разбира освен оние (Големите), почнува пазарлакот. ,,Ќе се приклучиме кон вас, ќе ви ги дадеме гласовите на нашите кандидати ама ќе ни дадете толку и тие и тие директорски, министерски и други раководни места. Смешно, но вистинито. Се пазарат други со гласовите на граѓаните што нив им ги дале за да имаат ќар тие, лично, посредно или непосредно. Не, ви личи ова на она со препродавачите на прилепското или на било кое друго пазариште. Се знае кој е добитник – препродавачот!! Онај што ги нуди производите, во случајов, гласовите!!?

Во едноумието не беше така. Можеби, гледано од страна. Тогаш на изборите, оние за претседатели на Општината едните, во случајот (оптинскиот комитет на СК), секогаш беше од едната страна, а контра беа оние од тогашното Собрание и Социјалистичкиот сојуз. Тампон зона, претставници  за ,,обработувзње,,  беа оние од синдикалната и младинската организација – општински! Пак добиваше оној кандидат од онаа страна, (контрата) или другата каде ќе се определат синдикатот или младинската организација! Ова го тврдам дека беше така во тогашното координативно тело, составено од претставници од Комитетот на СК, Социјалистичкиот сојуз (таму поминав 7-8 години како политички работник) потоа, Собранието, младинската организација и претставникот на многуте илјади вработени, сите синдикално зачленети и припаѓаа на тогашниот единствен синдикат. Така беше тогаш, така беше порано на пазариштето прилепско и било кое друго во Македонија. А сега е поинаку и на едното и на другото пазарџиско и политичко ,,тезгарење,,? Сé е исто, сé е пазар, за место, за пари… Што би било поразлично, тогаш, сега или во иднина!

К.Р.

Loading