РЕПУБЛИКАТА НА РАЖЕН

Белешка

Ми забележаа дека во белешкиве многу сум ламентирал. Ми било жал за минатото. Можеби е така! Некому сигурно и така му се чини. Во ред!

Ајде да размислуваме за сегашноста. Што имаме на теренот на македонската држава, во која еве десетина дена (ако не и повеќе), беснеат пожари. Гори на сите страни! Пекол на сите страни. Стихија дивее. Беснеат пламените јазици.

Граѓаните остро реагираат. Ни е криво, оти, на одреден начин, ни се расипа одморот. Многумина мораа од одмор да се вратат, токму заради пожарите! И, таму гори. Кај нас пламените јазици зафатија и куќи од некои градови и села. Тешко на оние што им изгореа домовите. Ни се помага од сите страни. Ни помагаат пожарникари со опрема и возила од Австрија, Словенија, Хрватска, Србија, Бугарија. Авион од Романија летал и гаснел во пехчевско и, овде, во прилепско. Жалиме за изгубените одморски денови, а не знам од што се изморивме!

Да си признаеме, без лутење, некако, повеќе се чини, дека институциите задолжени за справување со овие кризни состојби  затаија, потфрлија!  Дали ќе се бара одговорност и од кого, допрва ќе видиме. Ова досега не е ламентирање, туку реална состојба со пожарите (не дали се подметнати или не) допрва ќе се утврдува и ќе се бараат виновниците!            

Нема жалење за минатото, односно ,,Не ми е жал за Деспина,, Ќе потсетам за помладите. Во август по шумите, селаните кои не береа тутун за празничните денови, береа лешници. Немаше забрани за одење во шумите. Имаше по некои села за чување од неконтролирана кражба, само 1 (еден) шумар. Дрва се сечеа, береа со секири, а не со моторни пили, се сметнуваа од планините со добиток (коњи, маски, магариња). Секое село имаше свој орман, дел од шумата, секој сопственик имаше забел. Се знаеше кое дрво, на кое село припаѓа. И, сега, според катастарски документи, има тапии од шумите на дедовците. Сум сопственик на шума што не ја знам каде е и од каде што немам пресечено ниту една фиданка, а не дрва. Се знае кој ги бере, сечи  и порано во предходната власт, а и сега. На секоја страна од градот, зависно кон која планина се свртени дрвокрадците, си манипулираат, си ,,бичат,, со моторките и со џипови, или нерегистрирани автомобили носат на диво дрва во градот. И, никому ништо. Не  верувам дека локалните власти не ги знаат оние кои ,,имаат,, задолжително право да сечат, крадат дрва. Порано и стрништата од ожнеаните ниви не се палеа, ами се заоруваа, независно дали е суша или не.

Уште нешто. Било турско време, било време на војни, балкански, првата, втора светска војна со војници од разно разни од сите страни. Се криеле, но никогаш немало толку многу пожари. Шумите им биле потребни. Сега не се потребни и се палат? Е,Е,Е!

Што правиме со ,,враќањето,, на пандемијата? Расте бројот на заразени. И за тоа не знаеме или не сакаме да знаеме, оти имаме други планови и други сметки за расчистување? Пак, Е,Е,Е!!!                   

К.Р.

Loading