АХ, МАРИОВО, МАРИОВО!!!

Белешка

Во време кога на цена се еко-производите, се ,,труби,, на сите страни дека треба да се јаде чисто, здраво и домашно, а не произведено прскано овошје и зеленчук со разно-разни пестициди, па и месо. Во времето кога Мариово беше честа мета дестинација за риболовците и ловџиите. Сакаа да јадат квалитетно, убаво направено и еко-произведено биено (тепано) сирење, убави вкусни, не прскани и мошне благи мариовски круши што се топат во устата… Тоа беше некогаш, а сега е се поинаку. Таму нема ништо. Ако некогаш се јадеше топол, тогаш испечен малку машен на рж леб, ама мек ко душа. Се печеше во селските фурни на суви гранки завалена. Сега на малкуте жители и тоа стари, помладите роднини им носат леб ,,градски,,. Освен во центарот на прилепско Мариово, Витолиште, на друго место нема селска продавница. Има по некој кладенец тек-тук и на жештинава малку ладна вода. И Црна не е како што ја знаат постарите. Расимбеговиот мост, што се вика уште од турско време и преку кој се минуваше реката ако се оди преку Слива, како сега, или  преку Беловодица и Лигураса, пак е попатна станица. Има доста викендици, а за викендите и викендаши. И за рибарите нема риби како што имаше. Не можам да не кажам како пред 60 години со колегите водени од познат мариовски рибокрадец јадевме пресна убава, за мерак тогаш фатена риба на Црна Река, кај Смиквата кај Врбско. Сега нема ниту пат за Врбско. Нема ниту Смиква (дрвена количка со тркала врзаана на две сајли) и, влечејќи се сам, човекот (онај што сакаше да ја премине реката) преминуваше на другата страна од реката во Гуѓаково. Сега го нема  ниту селото. Не беше многу одамна крај реката кај Врбско имаше и бавчи. Мариовците произведуваа убави, еко домати. Дури ги товареа на камион за Прилеп. Заради лошиот пат, камионот се преврти и прилепчани не каснаа од доматите полевани од тогаш чистата речна вода, а не од под пластеници. И, сега се подлижувам кога со одбраното друштво, (сега се починати), крај реката зготвен подварен, па печен зајак со каша. Убајна.

Блееја јагниња од сите страин. Се слушаа надалеку клопотарците на овните, биковите, кравите, маските…  За Илинден во Витолиште се колеше и печеше голем бик. Се јадеше и се славеше со песна на гајди, кавали и тапани, со ора на сред село,  Милина и мискојна. В уста се топеше сирењето, иако биено. Мариовците одгледуваа многу булуци овци. Богати беа пасиштата за диви говеда, телиња, крави, волови, пуштени во планината, сами без говедар. Се пуштаа напролет а се забираше по некое, ако треба да се заколи за свадба или за сведен. Се прибираа на  есен. Понекогаш волкот ги ретчеше неброените говеда. Не се знаеше колку се, оти некои крави се телеа сами в планина. Тоа беше убав мариовски живот. Да не зборувам, како мирисаа штотуку исечените дрва во поткровјето на амбулантата на докторот  Ацкио, каде што спиевме.

Младите љубители на убавата треба да знаат за чиста природа. Во пролетните месеци, се калемеат овошките, а професорот од Земјоделскиот факултет, Борче Ристески, ги носеше студентите од Скопје на практична настава да ги калемат дивите, сочни круши, познати како мариовски кантарки. Плодовите од непрсканите дрва, се ептен еко производи. Сега мариовците кои живеат во градот  ги берат уште на зелено, оти знаат каде се калемените стебла. Ги берат и ги чуваат во слама, а потоа зрели ги носат на пазар сочните и медени круши.

Верувавме дека Мариово никогаш нема да го доживее ова што му се случува сега, да остане без луѓе, без население, без добиток, без вода, без… Наместо подрачје за еко хемиски нетретирани млечни, земјоделски и секакви други производи, таму нема пиле да прелета со децении. Се испусти Мариово, а причините се познати.

К.Р.

Loading