ПРАТЕНИЦИ

На пензионерите многу често, секојдневно, им се лепи епитетот – пратеници. Независно што во македонскиот парламент од политичката партија на пензионерите има само еден претставник. Сепак нас пензионерите нé викаат пратеници!

Зошто? Пратеници сме и за домашните, за оние што нé испраќаат да им ги платиме сметките за струја, вода, телефоните, ѓубрарина и што ли уште не. Така секојдневно, нас ,,пратениците,, нé има во редовите пред банките,  наутро пред маалските дуќанчиња кога купуваме млеко, леб и се друго дома што ќе им текне на домашните. Се случува да се вратиме по неколкупати во денот. Нé има и во редовите откако почна да работи поштата, за да плаќаме сметки. Ние сме редовен декор, посебно во пазарните денови, ако не и секојден и во поголемите супермаркети. Не има и на градскиот пазар. За да не заборават некои запишуваат на ,,пусулчиња,, што треба да купат, тоа што им го порачале. Некои често зад себе влечат ,,приколки,,. Да не ги носат ќесите и купувачката в раце, ги влечат торбите со две тркала со купените производи.

Оди, во Тинекс, во Кам, или таму и таму, видовме синоќа на ТВ ќе има прашак по намалена цена. Оди во МИК од Свети Николе, дојде порака на телефон да купиш џимиринки. Од таму се поубави, оди ваму, појди таму, пречекај го внучето од училиште, оти има само три часа поради он лајн наставата. Кога ќе се враќате, појдете заедно во библиотека и заменете ја книгата! Што ли уште не ќе им текне на домашните секое утро, напладне или попладне. Ова е секојдневна реторика, или ако сакате се нешто има за нас. Се разбира, тоа важи за нас кои можеме да се движиме и да одиме. Не забораваат да потсетат дека треба да појдеме и в аптека за секојмесечните лекарства и за оние од дома што  имаат потреба.

Секој ден, посебно во времево на пандемијава. Ние сме ,,сигурни,, пратеници. Ај сега најди му го крајот на порачките што ни се ,,наредувааат,, на своевиден начин секој ден. По ваквата секојдневна обврска не останува време за поседување во паркот на пролетното сонце. Ако малку се подзабавиме и не се вратиме кога домашните нé очекувале, нé бараат повторно за нешто, добиваме и по некој ,,грд,, збор, како што се – ,,каде си досега,, ,,пак се забави,, ,,што стори,, ,,да не се заборави дека треба да си дојдеш? Така кога конечно ќе ги завршиме секојдневните домашни задачи во попладневните часови, наоѓаме време за малку одмор. И тогаш не мируваат ,,пратениците,,. Телефонот в раце и се јавуваат на ТВ водители на контактните емисии да постават прашања за две минути, строго контролирани и да искажат свои мислење, идеи и сл. Им потполнуваме на наша сметка ТВ програма. И тогаш играме ,,улога,, на домашни пратеници!! Навечер, ако не ни зададат друга задача, имаме ,,парламентарна,, пауза. Можеме да погледнеме некој филм или емисија. И тогаш, ако некој од домашните не е загледан во ТВ екранот и не следи некоја од турските серии!! Не ретко се случува  на ,,пратениците,, навечер пред да си легнат (рано си легнуваме, а и рано стануваме), се загледуваме во дебатните или според мене ,,кавгаџиски,, ТВ емисии, што ги викаат уште и контактни, анализа –  Што не е јасно, Само вистина… и така некако заспиваме за утрешниот ден да го започнеме да го ,,играме,, истиот  филм, секојдневен!! Некој ми рече дека на германски, пензионер се велел ,,иззаабен,,. Си велам дека уште не сме ,,за фрлање,,. До кога? Додека можеме и сме живи!

К. .Р

ИСПРАВКА

Во белешката со наслов Манџи, објавена во бр. 648 направен е ненамерен пропуст. Позната реченица: Ако немате леб, јадете слатки – ја изговорила Марија Антоанета, а не Марија Терезија како што стои во текстот. Им се извинуваме на читателите за поткраднатата грешка.

Loading