ПОЧЕКАЈТЕ, СИТЕ ОПЕРАТОРИ СЕ ЗАФАТЕНИ?!!!

Белешка

Врти, сучи, то, па то!, што би рекле ние прилепчани – Корона вирус, пандемија, починати! Има, нема вакцини!? Колку има денеска на ,,огласните,,  места за починати?! Кој? Оти? Ами, вчера го видов, онде беше во паркон ,,раздаваше,, на висок глас? И, и пак сé така!  Од ден на ден само се повторуваме, како некогаш кога учевме, основно и средно, кога имаше повторувачи. Сега нема повторувачи!! Сега сите ученици мора да го ,,,имаат,, и средното.

Не сакам да мешам политики, кој, и зошто и како се случи да дојдеме до ова дереџе”?!

На пример, би кажал збор-два за ,,задолжителната,, и казнива заштита. Мора да стоиме подалеку еден од други да внимаваме на хигиената. Секогаш да носиме маски. Да не стоиме блиску. Ами пред банките?!! Ами на болница?!! А, в катастар, а пред СВР?!!…

Му се јавувам на матичниот доктор. Нели таков е редот?! Да не се оди, ами телефонски.  Зврц, зврц… и оди во аптека земи си ги лековите. Одлично, за пофалба. Ама! Ама! Што со оние за кои лекарства не е ,,надлежен,, матичниот, но специјалистите?! Дојди, ми вели сестрата, пак по телефон. Земи го упатот, оти минале, шест месеци или година, откако дал ,,изим,, специјалистот и барај го на болница, во интерно да ти напиши извештај дека ти е потребен одредениот лек за срцевото заболување. Не е до нас. Минале месеци и?! И, ајде горе на Болница.

Лут и нервозен на здравствените власти му се ,,испопедав,, за ова на еден пријател. ,,Ама, што се лутиш ,,- ми вели пријателот, ,,полно нешта во здравството не се во ред, па што,,? ,,Знам,, – му реков уште налутен. ,,Ама, што викаш,, – пак тој. ,,Таков е законот донесен од предходната власт,, – ми дофрла, небаре сум тој што ја бранам предходната или пак оваа власт!! Се трудам  да се смирам. И, дофрлам, повеќе како прашање за мене, отколку да го  најдам правилниот одговор, кој го знам. Ама, оти оваа власт, еве четири години не ги сменува овие ,,редишта,, што не само мене, ами на сите пациенти, посебно на нас хроничните, ни се повторува?!

Во време на коронавирус, ,,азиски,, ,,британски,, ,,афрички,, ,,бугарски,, ,,прилепски,,… пандемија, заразителна, одам на болница. Долу во амбулантата на интерното, медицинската сестра ме ,препораќа,,, да сум одел горе на четврти, оти овде долу немало лекар, (небаре некаде има?). Не сакав да го користам лифтот. Се плашам од оваа пуста зараза. И ајде полека по скали на  четврти во интерно. А, таму, многу пациенти. Чекаат како мене. Некои и за друго, оти ова одделение било и Ковид центар. Леле, што не најде, не само мене, ами сите што чекавме. Се смилува една сестра и низ едно мало прозорче, ,,шалтерче,, ги зеде упатите и книшките, здравствени. Чекајте ни рече. Чекавме! По 30 минути, пак преку прозорчето, со читање на имињата ги вратија упатите и книшките. Ниту доктор видовме, ниту специјалист нé прегледа. Што сакаме ние? Не гледаме дека е пандемија? Сестрата спомена дека извештајот ќе биде готов кога ќе платиме, кој 40, кој повеќе денари долу на шалтерот во приземјето!! Пак долу по скали. Платив, и пак нагоре до четврти. Ми дојде како раздвижување, посебна терапија, за нас, срцевите болни. А, мори сестро, нати сто денари, не туку растерувај ме нагоре-надолу, аман. Не, таков е редот. Ги зедов книшката и извештајот од специјалистот и директ кај матичниот. Тој се плаши како мене. Во ред е да се плаши, оти зар малку се заразија, лекари, сестри?!… Од врата, го зеде извештајот и ми порача да одам в аптека и да си го подигнам лекот, препорачан од задолжителниот специјалистички ,,преглед,,. По ова, ниту матичен видов, ниту специјалист ме виде. Само малтретирање во ова време- невреме. И, што вели еден колега. Тешка бирократија!!!

Има уште којзнае колку други случаи на ,,заштита,,. Треба да ја продолжам возачката дозвола. Одам во СВР – Прилеп. ,,Оди,, – ми вели чиновникот, ,,јави се на овој број,,. Да ми се каже, кога да дојдам во колку часот и кој ден за да ме сликаат за возачката или за лична карта. Пред тоа, пред влезната  врата, нé пушташе нас, чекачите, милиционер. Да има ред, да не се туркаме и да се штитиме од заразата?! Звонам, телефонски на бројот 072 92 92 92. Тит, тит… Се вклучува автоматската секретарка. Ме упатува, кој број да го стегнам да разговарам со операторот на македонски јазик. Тоа го чинам. Стегам на единица, според кажаното. Звони, чекам, едно време, пак секретарката – автоматска вели ,,Почекајте, сите оператори се зафатени,,. Си слушам музика пак од автоматот. Така неколку пати, а временски можеби повеќе од половина час. Можеби десетина и повеќепати, ми беше речено, телефонски, автоматски – ,,Почекајте, сите оператори се зафатени,,!? Таков е редот. Мора да се чуваме од оваа ,,тешка,, зараза, нели?!

К.Р.

Loading