СÉ Е ПОД КОНТРОЛА – ТЕШКО НА ГРОБАРИТЕ

Белешка

Време сегашно – Корона вирус, Ковид 19, Пандемија! Многу болни! Полни болници! Се бара кревет повеќе! Нема вакцини! Тешко на здравствените работници! Полни раце опасна работа. Погребните фирми не можат да навасаат! Тешко и на гробарите! Полициски час! Драматично!!

Прилеп стана град –  ,,лидер,, според бројот на  заболени и починати! А, ваму од Тито,,закитен,, со орден – град Херој!!! Во времето минато и сега, има постојано заболени од тешката и грда (а, има ли лесна и убава?!) болест – канцер, рак! Оправдување!

Во планинскиот масив  на Селечка своевремено се дозна дека имало ураниум и затоа имало болни од канцерогени болести со смртни последици!! Пред дваесетина години, 1999 г. НАТО од тогашната влада побара ,,изим,, и му се одобри, авионите да можат да летаат над македонското небо и да ја бомбардираат соседна Србија, тогаш Југославија!! На тие авиончиња, бомбардери, дотур на керозин им се вршеше, над Прилеп, над Селечка. Тие ,,цицаа,, летајќи од ,,мајките,, авиони – цистерни со долги црева. Кога ќе се наполнеа, цревата се испуштаа горе во воздухот и истекуваше керозин. Некои велеа дека и дел од она што било за фрлање од нив, а неисфрлено над Србија, се фрлало долу под нив. Сепак, имаа исаф. Нé не бомбардираа, не се слушаа пукотници. Демек, тоа не било опасно, оти ураниумот бил ,,сиромашен,,. А каков ли е ,,богатиот,,?!! Имаше и тогаш канцерогено заболени во градот.

Прилеп пак пред дваесетина и кусур години. Се побараа пари, грант од германската КФ банка. Беа одобрени 8 милиони тогашни евра. Наменски!! Така се рече. Парите беа за замена на цементно-азбестните цевки од водоводната мрежа! Парите се зедоа. Се заменија доводните цевки на некои помали улици. Според мене, главните на поголемите улици не се заменија со пластични, не азбестни. Се направи нова административна зграда за ЈП Водовод и канализација. На прашањето, аошто, одговорот гласеше, така сакале германските давачи на пари!!!

Да се знае, за оние што не знаат. Азбестот не е ,,лесен, елемент – минерал. Неговите честички не се раствораат во вода или во било што. Посебно не во човечкиот и другите организми. Мискроскопските честички можат да ,,виреат,, живеат,  во организмот на човекот и до 20 години и потоа да ја развијат канцерогената болест, мезотелиома.

Време сегашно – Со комшиите на нашата, според мене, една од главните улици, веќе 70 и повеќе години пиеам, користиме вода за домашните  потреби од цевки (оние главните) азбестни. Уште од старата водоводна мрежа!! ,,Не е опасно,, убедуваат надлежните и одговорните во градов.

Прашајте ги гурбетџиите кои ,,летнаа, преку Големата бара да печалат зелени долари. Таму азбестот одамна се заменува. На дојденците, оти е опасно да се работи, им плаќаат по 25 долари на час, ама пред тоа мора да имаат положен курс за заштита од азбестот. Се заменуваат азбестните доводни цевки за гас, вода, затоплување, покривите со изолациони материја со азбест, и секаде каде го има, дури и во лепилата со кои се обложени прозорците. Тоа било за заштита на здравјето на луѓето!!

Во ЕУ, каде што ние како држава сакаме  да ,,влеземе,, и од каде ни дадоа средства за замена на водоводната мрежа, од поодамна се заменуваат  цевките, изработени од олово! Оти? Било опасно!!!

Сега и овде, Ковид 19, коронавирус, пандемија, полни болници, полициски час, сé е под контрола!!!

К.Р.

Loading