ПАЗИ, ЛАЈНО!!

Белешка        

Ако го проследи некој ,,активист,, од Анима мунди, текстов или од друго здружение за заштита на животните, ќе ме втера вчорка или пак можно е да ангажира некој пес трагач да ме најде и да  ме ,,искасапи,,!!.

Едно време ги сакав и чував мало куче во дворчето, миначе. Едно пак, не знам што многу ми го бендисаа, и ми го украдоа. Го присвоија некои други ,,вљубеници,, на домашни миленичиња. Не знам дали сега со ова интернетиве или со  телевизиските анимални канали и емисии, многу, многу се накотија вљубеници на домашни миленичиња. И, ете, формираа здруженија, клубови, секции и што ти не. Своевремено со еден мој школски (бог да му душа прости) малку се подчудувавме дека тој отиде дури во Нови Сад да набави ,,далматинер,,. Ја донесе со возот дома Марта, мала, бела со многу црни дамки кучка. Милина да ја гледаш. Тогаш, кај нас  таа сорта или ,,марка,, беше ретка. По некое време кога и дојде мрвот не можевме да најдеме ,,зет,,. Го баравме ветеринарот тогаш познат во Македонија, Налетоски да каже кој има убав, добар, ,,сортен,, мажјак да ја спариме Марта. Се стори и тоа. Се најде зетот од Битола. На два три-пати се шеташе Марта до Битола. Арно ама, газдата побара кученце и да му се чува некој месец додека најде купец за него, да го ,,храни,, Марта. Таков бил редот. Од неколкуте, пет-шест, две-три рано пцовисаа. Едно се даде и другите кршија гла незнајно каде.

Што ми беше мислата, за насловот. Кажав дека сум ги сакал кучињата. Или како што ги викаат сега новоформираните разни здруженија, миленичиња.  Ама тогаш милениците на четири нозе беа помалку или повеќе во дворовите. Се чуваа врзани. Не беа толку големи, не бараа многу храна, не од онаа што се купува по маркетите и со вреќи. Се знаеше, фрли му по некоја коска, суво лепче и кога ќе имаш време пушти го да се прошета или ,,заваби го,, и ќе иде по тебе и на нива, на тутун, таму ќе се истрча. Често трчаа по мене со велосипедот. Никако не ме пуштаа. Не беа врзани и не напаѓаа никого. Си го возев велосипедот, а тој, кафеавиот, (многу паметен, мал со бела звезда на главата АКС), трчкаше и ме следеше на неколку чекори зад мене. Ако, забрзав, намерно, и тој го забрзуваше трчањето. Не заостануваше. Во маалото немаше многу кучиња. Акс беше аберџија. Не лаеше постојано, ами ако влезеше некој во дворчето. Сега во мааолото каде што седам скоро секоја куќа, освен мојата има по едно или по две помали ,,миленичиња,,. Газдите зафатени со работа, не ги пуштаат и не ги шетаат. Ако ги пуштат, опасни се. Можат да нападнат некого. Опасни некои сортни на миленичиња. Само лаат, вијат, цвикаат. За пуштање, за шетање, за вода или за јадење. Само селските кучиња, што одвреме навреме доаѓаат во градот и некои напуштени се слаби и ненахранети. Другите, оние сортните сите се ,,бабачко,, дебели.

И, што ми беше муабетот!?. Да, за лајната…, кучешки, а не за  оние другите!! Се шетам навечер со сопругата низ градот по новите тротоари на Булеварот прилепски, поплочен со гранитни убави, мазни плочки. За мерак, што се вели. И, туп – ,,Пази,, – ми викна. Немаше време да ми речи ,,Внимавај, лајно,,! Ме потурна да не згазнам цел куп, големо, дебело, мрсно ,,градско,, лајно! Само, што не го згазнав и не го раширив низ убавиот и мазно светнат прилепски плоштад. Од каде познав дека е ,,градско,,? Се познаваат лајната од селските  ненахранети ,,домашни,, или напуштени миленичиња. Само што не му ја стегнав стопанката, кога жената ми рече: – Чекај, песот е од оној поранешниот пратеник,,. Гледам и се чудам во паркот. На зеленилото зад убавата и малку ,,исшарана,, со бои општинска зграда насобрани ,,светнати,, газди и газдарици. Ги тераат да се шетаат, лигават, мркаат ,,домашните миленичиња,,. А,оти таму, а не на друго место? Оти, не дома, во дворовите и слично.

Овде имам интересна идеја за производителите на кучешка и мачешка храна. Да измислат храна за домашни миленичиња со светлосни, флуоросветни делови, кои потоа и во изметот кучешки ќе светат и ќе ги предупредуваат шетачите да не ги згазнат. Или, во светот, таму до каде што сум бил, се знае, газдите кога ги шетаат низ парковите кучињата носат најлонски кеси и додека лајното е уште топло, со раце го собираат и го носат додека не најдат посебно  поставена корпа за таква намена. Ете, идеја и за градските власти, да набават уште по некоја канта, ама за кучешки лајна. Или, нека стават знаци ,,забрането за домашни миленичиња,,. Сигурно има и ќе произлезат и други идеи. Можеби случајно ќе се јават некои вљубеници во ,,домашни миленичиња,,. Или некое  ептен модерно на високо ниво ценето здружение со различно име во секој град. Не знам, можеби ова не е идеја за сегашната програма на градскиот татко или генералниот директор на градска чистота – алијас Комуналец.

К. Р.

Loading