АРЧ

Новогодишните празници можат безмилосно да ги поарчат сите заштеди, а ние само ќе им дозволиме во името на радоста и благосостојбата.

Веќе ги броиме деновите од старата година и помислата нé тера на арч. Продавниците прелеваат во сите бои, па дури и во оние безимените, светкавите. Насекаде мамат и повикуваат мириси на нова неотпакована хартија. Купувачите ги посетуваат новогодишните царства да прикупат нешто заборавено, неопходно или сосема непотребно. Само нека се арчи. Се купуваат Дедо Мразовци што пеат и елкички кои не светат, миризливи свеќници, икебани, па сé до новогодишни салфети и чаршафчиња. Како да е обрвска да се купи сето тоа, за адет ли или за среќа, кој знае? Луѓето привлечени од новогодишната еуфорија, како да се наоѓаат во некој вртлог од шаренило на бои и божикни мелодии. Арчат на сé и сешто, купуваат до немајкаде. Ококорени трчаат по рафтови и попусти, разгледуваат, префаќаат, пребројуваат пари, се туркаат и довикуваат. Се брзаат да не ги надвјаса Новата Година неподготвени. Да не остане нешто некупено, да не остане денар непоарчен.

За среќа, меѓу сите тие брканици и викотници, луѓето успеваат да ги разубават последните денови на оваа неочекувано тешка 2020 година. Успеваат да влеат малку боја во сето сивило и малку топлина во сето студенило. А кога на сето тоа ќе се додадат насмевките под маските и надежта која зрее и се таложи цела една година, тогаш знаеме дека арчот не бил залуден.

Арч е турцизам кој потекнува од турскиот збор харц. Во македонскиот јазик се употребува со значење на издаток, потрошени пари, трошење, трошок, расход и тоа во улога на именка.

Нина Насеска

Loading