ЛИТЕРАТУРЕН ЗБОР

ivce1Квиз на националната телевизија. Еве и водителот на квизот прави грешка. Им ги објаснува пропозициите на учесниците. Еве една од игрите. Покажува водителот напишани десетина букви без никаков ред. Испомешани. Целта на учесниците е да состават збор исклучиво од овие букви. Кој ќе состави поголем збор (со повеќе букви) станува победник во оваа игра. Еден од играчите успева да состави збор од 5 букви. Зборот гласи ,,после,,. Водителот пребарува таму во својот потсетник и не го признава одговорот. Не го признава, затоа што зборот ,,после,, не бил литературен. Тој не расчистил со граматиката. Од каде го измисли тоа дека зборот ,,после,, не бил литературен? Што ли не ќе чуеме! Па во Граматиката на Блаже Конески за прилозите има посебно поглавје. А зборот ,,после,, е прилог за време. Дали е во прашање некаква забуна кај водителот? Можеби се барало составениот збор да биде именка, којзнае! А да се вели дека зборот ,,после,, не е литературен е голема грешка.

Изјава на извесен бугарски политичар. Тој зборува на бугарски а ние читаме превод на македонски. Во еден момент слушаме реченица на бугарски – ,,Аз се с’мњавам,, а ние читаме превод ,,Јас сумњам,,. Ете, алал вера на преведувачот. Ама заборавил дека на македонски се вели ,,се сомневам,, а не ,,сумњам,,. Нашата именка е ,,сомнеж,, а не ,,сумња,,. Понатаму бугарскиот политичар во излагањето употребува синтагма: ,,Такаче,,. Нашиов преведувач го превел тоа со ,,така да,,. Пак српски израз. За жал, и за чудо, таа синтагма ,,така да,, е толку често употребувана што навистина предизвикува револт. Да разбереме еднаш! Во српскиот јазик тој израз гласи – ,,тако да,, во бугарскиот – ,,така че,, а во македонскиот јазик ,,така што,,. Нашиве луѓе го преправаат српското ,,тако,, и наместо ,,тако да,, добиваат ,,македонски,, израз – ,,така да,,. Грешка! Еве уште еднаш – ,,тако да,, ,,така че,, и ,,така што,,. Зар овие елементарни работи да им ги укажуваме на платените што треба да го знаат тоа. Ех, кога би било само тоа?!

Во поштата требало да се вработат 280 луѓе. Слушаме коментар дали е тоа оправдано, дали треба така. Директор е Јани Макрадули. Слушаме ваква реченица: ,,Кое е образложението на Јани Макрадули,,? Зошто се прокудија нашиве новинари, и не само тие, прашањата да ги поставуваат на ваков начин? Наместо да прашаат КАКВО е образложението, тие велат КОЕ е. Како да има тука изложено разни образложенија, па тој треба да каже кое е неговото! На една ТВ слушаме разговор на новинарка со гостин – доктор, ортопед. Објаснува докторот за повреда на коленото, или поточно за повреда на лигаментите. Новинарката внимателно слуша и прашува: ,,Кои се симптомите при повреда на лигаментите,,? При повредите на лигаментите се манифестираат определени симптоми. Наместо да праша новинарката КАКВИ се тие симптоми, таа прашува КОИ се. Чудно, навистина чудно од каде и зошто се јавува оваа прокуда кај сите новинари! Буквално кај сите.

Новиот Претседател на САД Џо Бајден доживеал некаква повреда. Имал некаква скршеница. Неговиот претходник Трамп, му пожели брзо закрепнување. Објаснувајќи го ова, новинарката вели: ,,Брзо опоравување му посака Доналд Трамп,,. ,,Опоравување,, не е наш збор. Српски е. А употребата на српски зборови станува веќе редовна појава. Појава која што загрижува. Загрижувачка е употребата на глаголот ,,посакува,,. Тоа веќе стана толку често, толку редовно, како да е сé во најдобар ред. Треба веќе да се разбере дека ,,посакува,, значи исто како ,,побарува,,. Да посакаш нешто, значи да побараш, на пример, пари на заем од некого… Зар не е јасно? Ќе направиме повторна споредба со соседните јазици. Србите велат ,,желим ти све најболје,,, во бугарскиот јазик е ,,желаја ти сичко хубаво”, а на македонски треба – ,,ти пожелувам се најубаво”. Велиме, ама никој не вели така.

Значи: Трамп му пожелал на Џо Бајден брзо закрепнување!

Loading