ЕСАПИ

Чудна некоја желба на човека постојано да гледа бројки, да пребројува, да есапи. Како веднаш да му станува полесно кога ќе изброи, па да вреднува. Да може на сé би ставил цена, и тоа сé би го дефинирал со некоја цифра, една или повеќе, само нека се бројки.

Ги есапевме секундите и минутите до крајот на училишниот час. Ги есапевме деновите до следниот петок и следниот викенд, а и оние до летниот распуст. Иако деца, знаевме што е есап, или можеби со растењето желбата да се есапи сама ни се разви.

Ги есапиме деновите до Нова Година, а потоа оние до крајот на јануари. Ги есапиме деновите до одморот во најблиското летувалиште, но потоа одбројуваме наназад за нашето враќање дома. Ги есапиме деновите до повторната средба со оној кој ни недостасува најмногу, а ги есапиме и оние до разделбата на кои и од помислата ни навираат солзи. Толку денови и толку многу бројки. Неосетно деновите се претвораат во години, а кога и тие ќе се намножат, уште потешко оди есапењето. Но, пуста волја, човек не се откажува од есапење. 

Жално е што човекот се преоптеретил со чекање, константно исчекување на нешто идно, убаво или не. Само да помини, што и да е, а кога ќе помини тоа, тогаш ќе чекаме на нешто друго. Нека се есапат денови, нека се пребројуваат. А, меѓу сите тие есапи, бројки и чекања, се случило тоа што се нарекува живот, но сме се разминале.

Есапи е архаизам кој потекнува од турскиот збор хесап. Во македонскиот јазик се употребува со значење на смета, брои, вбројува, мисли, претпоставува, оценува, зема предвид и тоа во улога на глагол.

Нина Насеска

Loading