ЗАР И ТИ…?

ivce1Да! Така извикал Цезар: ,,Зар и ти сине Бруте,,?! Така извикал кога го видел и Брут меѓу другите убијци (заговорници). Еве, така е и нашиот крик кога слушнавме грешка од човек за кое нешто и не сме можеле да претпоставиме. За што станува збор? Актуелни се изјавите од бугарските министри кои тврдат дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Се израдувавме кога видовме да зборува, да коментира на таа тема извесна госпоѓа, директор на Институтот за македонски јазик ,,Крсте Мисирков,,. Госпоѓата се спротиставува на бугарските тврдења. Објаснува дека корените на македонскиот јазик потекнуваат од словенскиот (старословенскиот) јазик. Всушност, таму се и корените на сите словенски јазици. Македонскиот, српскиот, бугарскиот, рускиот, полскиот и така ги реди госпоѓата сите јазици што имаат словенска основа. Сето тоа што го зборува госпоѓата е точно. И одеднаш – шок. Така барем го доживеавме ние. Госпоѓата вели дека словенскиот јазик е основата и тој е распространет ширум Европа. Госпоѓо! Како е ова можно? Зар и вие не знаете дека зборот ,,ширум,, е прилог, а не предлог? Тој објаснува КАКО, а не КАДЕ. Зар треба да се укажува за ваква грешка? Зар вам да ви се објаснува дека тој прилог може да се употреби ако се сака, на пример, да се каже дека вратата е ШИРУМ отворена. А словенскиот јазик е распространет низ цела Европа, а не ШИРУМ Европа. Ве молиме госпоѓо, отворете ја Граматиката на Блаже Конески. На страницата 219 ќе најдете опширно образложение за прилозите од ваков вид. За погрешната употреба на прилогот ШИРУМ сме се изјаснувале повеќепати. И овојпат не можеме да се воздржиме, бидејќи грешката е направена од човек кој не смее да го прави тоа. Човек, кој треба на другите да им укажува.

Институтот за македонски јазик ,,Крсте Мисирков,, е највисоката институција од ваков вид. Погрешната употреба на прилогот ШИРУМ е мошне честа, а кога се слуша од ваква личност, тогаш грешката е многу, многу голема.

Опасна пандемија. Стручни луѓе бараат варијанти за спречување на ширењето на болеста. Се предлагаат построги мерки, се препорачува редовно носење на заштитни маски, често дезинфецирање на рацете и на просториите. Ќе има ли полициски час, карантин, кризна состојба? Преокупирани сме со оваа непожелна состојба. Чекаме и слушаме какви мерки ќе се преземат. Се размислува што е најдобро. На ТВ гледаме дека е можно да се прогласи кризна состојба, а презентерката употреби ваков израз: ,,Нужна е потребата од кризна состобја,,. Истиот текст го читаме и долу на екранот. Замислете, нужна била потребата од кризна состојба. А може ли да се рече дека е потребна нужноста од кризна состојба. Пресериозна е ситуацијава, инаку ова е смешно, да не речеме и глупаво. Чудно е, каде ја гледаат разликата меѓу зборовите НУЖДА и ПОТРЕБА. За илустрација, ќе наведеме еден сличен пример: Се расипала дигалката и сега не може ниту да дига, ниту да крева. Такви се тие т.н. синоними. Двата збора имаат исто значење. Така е и со НУЖДА и ПОТРЕБА, така и со ДИГА и КРЕВА. Затоа, крајно непотребно и нелогично е да се вели дека има нужда од потреба.

Зошто лекторите, новинарите, презентерите не знаат дека, на пример, зборот ,,новозаразени,, е еден збор. А многу често слушаме обратно. Кога ќе слушаме извештај за тоа колку има инфицирани во последново деноноќие, слушаме и читаме – НОВО ЗАРАЗЕНИ, а тоа е всушност еден збор – НОВОЗАРАЗЕНИ. Истиот случај е и со – САМО ИЗОЛАЦИЈА, а тоа е САМОИЗОЛАЦИЈА. Кога го слушаме тоа од презентерите не може да се осети од нивната артикулација, дали го изговоруваат како еден или како два збора. Но, на долниот дел на екранот, често читаме – НОВО ЗАРАЗЕНИ или САМО ИЗОЛАЦИЈА.

Доста е! Ни треба повеќе нужда.

Loading