Слушал Итар Пејо дека човек да влези во рајот, во тие убавини, требало да исполни многу и тешки услови, да не мрси, да не прави лошо на луѓето, да не се кара, да не се тепа, да ги почитува поповите и владиците, да оди в црква, да пали свеќи, да се моли на Бога и светците, да не пцуе, да не задева туѓи жени…
А Пејо дури беше млад ич не ги бркаше овие работи. Мрсеше и на Велики петок, постеше и на Божик, се караше и се тепаше со секого што би го навредил и предизвикал, ги пцуеше и Господ и Богородица ако го налутеа нешто. Цел живот не влезе в црква. Ниту една свеќа не запали, ниту половина кило масло не однесе да му светне на Ристоса и неговите апостоли и светци. Кој мариовец не би задевнал туѓа жена? Само ако не му излегла пред пушка. Ко сите мариовци. И таков, може ли да се надева на рај?
Се разбира, на таквите местото им е во пеколот, да се варат во врелиот катран и да се печат на жешкиот жар. Така слушаше Пејо на млади години од попот и владиката, ама тогаш беше далеку од “дупчето”, та ич не ги зарежуваше.
Кога го урекнуваа што мрси, тој математички се правдаше:
-Се велите дека Господ сé гледа и е многу праведен. Ако е така, ич гајле немам. Ќе отидам кај него на суд и ќе ја видам сметката. Навистина сум мрсел во некои пости, петок и среда, ама затоа пак сум постел во безброј мрсни дни и немало ништо. Нека види во мојот “картон” колку посни дни сум мрсел и колку мрсни дни сум постел. Ако излезам по сметката должен, ете му ја душата. Нека и суди, нека ја праќа каде сака. Ми се чини дека повеќе мрсни дни сум постел, отколку посни што сум мрсел. Тој ми е должен – се тешеше Пејо за влегувањето во рајот.
Колку се приближуваше кон Господа, се повеќе се плашеше.
-Зар дека е Господ, толку да е праведен? Ќе рече: “За еден грев сто лири”. И расправај се. Силата му е во раката. Нема да проговориш. Ќе те прати во пеколот да се вариш, да се печеш… – рече Пејо.
Почна да мисли и таму да се најде некој марифет. Да не дава сметки, ама, направо да се шушне во рајот да го прескокн Свети Петрета. Му “светна” еден марифет.
И Пејо умре ко му дојде денот. Отиде на небото, право пред Господа да му суди. Ама судењето се закажало подоцна од неговата смрт. И божјиот суд доцнел. На умрените им се судело по месец-два, па и година откако ќе отидат горе. Пејо почнал да се вртка околу вратата на рајот. Меркал згодна прилика да влезе илегално, без пашапорт, што се вели. Разбрал преку оградата дека никого не враќале од рајот назад ако успеел да влезе еднаш. Тоа многу го окуражило. Дури чекал, умрел еден владика. Господ веднаш му дал виза за рајот. Напишал што багаж носи и со која придружба влегува. И Пејо гледа цела олелија од луѓе. Владиката напред, ѓаконот по него, а по овега пет-шест убави млади калуѓерки. Таман дошле на портата од рајот и владиката му го покажал пашапортот на свети Петар. И овој ја отворил портата, а Пејо кренал на грб една од калуѓерките и влегол внатре илегално. Не можеле да го истераат; оти таков бил законот.