ПОП ПОГРЕБА МАТОРИЦА

Попот од едно мариовско село многу се заложуваше за морал и чесност во црквата. Ги учеше селаните да се придржуваат кон сите десет божји заповеди, наблегнувајќи најмногу за постот и молитвата, за посетување на црквата, за моралниот живот во семејството, братољубието, за кражбите и присвојувањето туѓа мака, за среброљубието… Дали тој се придржуваше, не беше важно. Имаше завршен збор на проповедите: “Слушајте што вели поп – не правете што прави поп”.

Селаните го слугаа, будалите и му веруваа, но многумина тераа мајтап со “божовниот” поп. Во игравките еден од селанец жртвува дури и 15 златници – наполеони.

На селанецот му пцовиса една маторица. Реши, и по цената на толку пари, да го проба попот до каде оди лакомштината, за која велеше дека е еден од смртните гревови. Го замоли попот.

-Ми умре маторнцата, попе. Те молам да ја пееш и да ја закопаш на гробиштата.

-Како ќе закопам маторица, Ристе? Кај се чуло и видело животно да се пее и закопува со поп? – одговорил попот навредено

-Маторицата не е обична. Остави аманет да биде закопана како луѓето. Ми остави и седум наполеони да ги дадам на попот за закопот. Земи ги париве, да не барам друг – му рече Ристе и му ги подаде златниците.

Попот ги зеде, ги протркала од брадата за да се намножат како влакна и ги пикна в џеб.

-Може, Бог да ја прости маторицата. Чинете азар да ја испратиме до вечната куќа… Само гледај да не отиде во ушите на владиката, та да не аргоса и тебе и мене.

Ристе направи мртовечки сандак, свеќи, пченица… за закопот. Со неколкумина селани, со попот пред “скапиот” покојник, се изврши необичното погребение.

Ристе му жугна на владиката дека попот закопа маторица со сите црковни обреди. И се разбра. Владиката се налути и го покани попот.

Него го пријаде јасник и почна да се тапка и да се жала.

-Сигурно ми вика за таа ѓаволска маторица. Си ја зедов белата. Ќе ме обричи – си рече во себе и отиде кај Ристета да се посоветува дали не ќе може да му помогне некако.

-Да сториме инќар, Ричко, не бидува ли? Ќе речеме дека го излагале тие што му кажале.- праша со натажен глас.

-Никаков инќар, никаква лага, попе! Цело село знае дека ја закопавме маторицата. Таа беше умна, предвидела сé, па и дека ќе разбере владиката. И за него остави 8 наполеони. Однеси му ги, та нема да те кара – рекол Ристе.

Попот ги зеде златниците и кога владиката почна да го кара и да му се заканува дека ќе му ја обричи брадата, ќе го распопи, тој ги извади и му ги подаде.

-Повели, дедо владика, овие ги оставила маторицата за тебе – рекол попот.

-Така бива, попе. Само гледај да не разберат селаните – рече владиката и ги зеде златниците.

Loading