„ДЕЈСТВУВАЈТЕ БРЗО И НАПРАВЕТЕ СЕ ШТО Е ПОТРЕБНО“

oliveraКАКО ДА СЕ „ИЗРАМНИ КРИВАТА НА РЕЦЕСИЈА“ ВО УСЛОВИ НА КОВИД-19?

Проф. д-р Оливера Костоска

Економски факултет – Прилеп 

Според Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), глобалната економија,  годинава, би можела да ја доживее најлошата рецесија од Големата депресија, надминувајќи ја таа забележана во текот на глобалната финансиска криза од пред една деценија (како резултат на пандемијата, се предвидува остра контракција на глобалната економија од -3% во 2020 година, исход којшто е многу полош од оној на финансиска криза од 2008-2009 година). Проекциите на ММФ за Република Северна Македонија упатуваат на рецесија со негативен раст од -4% за 2020 година, а додека пак, Светска банка, под оптимистичка претпоставка дека кризата ќе заврши до крајот на јуни и дека економијата ќе се врати во нормала, проектира негативен раст од -0,4% за оваа година. Во секој случај, постои екстремна неизвесност во врска со предвидувањата на глобалниот раст. За разлика од глобалната финансиска криза кога не постоеше шок на страната на понудата, па креаторите на политиката беа во состојба да се фокусираат на побарувачката и стабилизацијата на финансискиот систем, ситуацијата е многу покомплексна во случајот со КОВИД-19 – станува збор за симултан шок, како на страната на понудата, така и на страната на побарувачката. Друг аспект којшто го разликува тековниот економски пад од финансиската криза е улогата на глобалните вредносни синџири. Нарушувањето на вредносните синџири претставуваше проблем уште во времето кога КОВИД-19, главно, беше ограничен на Кина. Сега, кога болеста станува сé пораспространета, ова нарушување има исклучително важна улога. Трговијата, веројатно, ќе опаѓа пострмно во секторите што се карактеризираат со комплексни вредносни синџири, особено електрониката и автомобилските производи. Дури и кога штетата со овие синџири не е непоправлива, како што ќе се опоравуваат водечките фирми од кризата, тие, најверојатно, ќе мора да го преиспитаат нивниот бизнис модел, вклучувајќи го и намалувањето на линковите во овие синџири. Накратко, економските последици зависат од фактори коишто заемно дејствуваат на начини што тешко можат да се предвидат (движењето на пандемијата, интензитетот и ефикасноста на преземените мерки за минимизирање на ширењето на болеста, реперкусиите од драматичното затегнување на условите во глобалните финансиски пазари, поместувања во моделите на потрошувачка, степенот во кој ќе биде нарушена понудата, бихејвиористичките промени, променливите цени на енергијата, храната или металите, и сл.), но постојат јасни индикации дека работите ќе се одвиваат полошо за земјите во развој. Целосните ефекти од здравствената криза допрва ќе бидат почувствувани во многу земји во развој, а допрва се очекува и ,,крајот на почетокот,, од економската криза во развиените земји. После колапсот на Леман Брадерс во септември 2008 година, глобалната економија регистрираше 5 последователни квартали на негативен раст, иако со забавена стапка после вториот квартал на 2009 година. Дури и ако екстензивните стимулативни пакети што сега би се имплементирале успеат да превенираат долг период на депресија, тие, како што веќе беше наведено, нема да ја спречат рецесијата во глобалната економија годинава. Следејќи го случајот со Кина, многу влади сметаат дека станува збор за привремен економски шок. Тоа, можеби, е добрата страна; сепак, лошата страна е што првиот бран на оваа пандемија можеби нема да биде последен. Случајот со шпанскиот грип, којшто ги погоди повеќето земји во три бранови од 1918 до 1920 година, покажува дека заеднички феномен на епидемиите е нивното повторно појавување. Борбата за израмнување на кривата на медицинската зараза беше наречена ,,војна,, од страна на претседателот Макрон. Рецесијата претставува медицинска потреба. Тоа е сосема јасно. Но, владите можат и треба да се обидат да ја израмнат кривата на економска рецесија. Како?! Постои консензус по ова прашање меѓу водечките економисти, што е прилично едноставен: ,,дејствувајте брзо и направете сé што е потребно,,. Џејсон Фурман од Универзитетот Харвард, главниот економист на претседателот Обама, презентира неколку насоки во контекст на идејата ,,направете сé што е потребно,,: (1) подобро да се направи премногу, отколку премалку; (2) користете ги постоечките механизми колку што е можно повеќе; (3) пронајдете нови програми таму каде што е потребно; (4) диверзифицирајте и не се плашете од дуплирање или ненамерни ,,победници,,; (5) мобилизирајте го приватниот сектор колку што е можно повеќе; (6) креирајте динамични и перзистентни мерки на политиката. Борбата за намалување на последиците врз економијата, во крајна линија, може да услови потреба од мерки за кои не би се размислувало во нормални времиња. Спецификата поврзана со дизајнирањето соодветни економски политики во текот и после кризата поврзана со КОВИД-19 варира меѓу одделни земји. Сепак, постои јасен консензус дека алатките на монетарната политика се лимитирани. Централните банки пристапија кон ,,спасување,, во текот на глобалната финансиска криза и кризата во еврозоната. Сепак, главниот шок, кога станува збор за кризата поврзана со КОВИД-19, доаѓа од реалната економија, па поради тоа, потребни се агресивни мерки на фискалната политика – монетарната политика, најпрвин, треба да има улога на поддржувач преку гарантирање на ликвидноста на финансискиот систем.

Во оваа криза, фискалната политика треба да има три цели: (1) борбата со вирусот – намалувањето на стапката на инфекција е апсолутен приоритет; (2) помош за олеснување од катастрофата – уверување дека луѓето нема да страдаат од глад и дека фирмите нема да банкротираат. Голем дел од домаќинствата немаат парични резерви. Поради малата побарувачка или принудната изолација, многу мали и средни фирми немаат доволно парични резерви да преживеат повеќе од неколку месеци. Оттука, од суштинско значење е обезбедувањето доволно пари тие да ја преживеат кризата. Главното прашање е како овие средства на брз начин да дојдат до луѓето и фирмите на кои им се потребни. Постојат различни решенија во различни земји – од одложување до укинување на даночните плаќања, од зголемување на надоместоците за невработеност и парични трансфери, до барање банките да ги потпомогнат фирмите, при што владата ќе понуди привремени и таргетирани кредитни гаранции за краткорочните потреби поврзани со ликвидноста на овие фирми. Ниту еден од овие канали за дистрибуција не работи перфектно. Информациите за тоа на кого му се потребни пари се лимитирани; тешко е да се дојде до оние на кои парите им се најпотребни. Она што е важно е дека, независно од тоа каква комбинација за испорака ќе се избере, подобро е да се погреши на страната од тоа да се даде премногу, отколку да се даде премалку; (3) прилагодување на агрегатната побарувачка да биде колку што е можно поблиску до потенцијалниот аутпут. Во услови на ,,нормална рецесија,,, контролата на агрегатната побарувачка претставува главен мотив за користење на фискалната политика. Оваа рецесија, сепак, не е ,,нормална,,. Поради тоа таа има значајни импликации. На краток рок, додека се присутни ограничувањата поврзани со мерките за минимизирање на ширењето на болеста, потенцијалниот аутпут ќе биде многу понизок. Оттука, владите мора да прифатат соодветно намалување на побарувачката. Со други зборови, одржувањето на побарувачката над потенцијалното ниво (на пр. преку намалување на даноците за фирмите и домаќинствата) може да води до рационализација и инфлација наместо до зголемување на активноста. Оваа состојба го повлекува прашањето колкава треба да биде големината на пакетот за олеснување при катастрофи. Сепак, ситуацијата ќе се промени кога стапката на инфекција се стави под контрола, рестрикциите полека се олабавуваат, а потенцијалниот аутпут се враќа, ако не на старото ниво, барем блиску до него. Дали тогаш ќе има потреба да се поттикне агрегатната побарувачка и да се помогне економијата да се опорави побрзо? На ова прашање, веројатно, е тешко да се одговори. Од една страна, барем иницијално, ќе постои одредена потисната побарувачка на потрошувачите кои не можеле да купат трајни потрошни добра за време на примената на здравствените мерки. Од друга страна, степенот во кој се отстрануваат рестрикциите, или реалната можност за повторно враќање на ограничувањата доколку стапката на инфекција почне повторно да се зголемува, веројатно ќе води кон штедење заради претпазливост на потрошувачите и мали инвестиции на фирмите. Побарувачката може иницијално да се зголеми, па повторно да падне. Но, многу е тешко да се биде сигурен во ова. Неизвесноста има јасна импликација: владата треба да биде подготвена, но не и да се обврзи на определено ниво на фискална експанзија пред да знаеме на каков начин ќе се движи побарувачката.

Се разбира, секоја од овие три мерки е проследена со сет на предизвици и тешки одлуки. Овие политики ќе продуцираат зголемување на долгот во однос на БДП. Колку што повеќе се инсистира на израмнување на кривата на зараза, толку повеќе земјата треба да биде ставена во изолација, па поради тоа, ќе биде потребен поголем фискален простор за ублажување на длабоката рецесија. Или што би рекол Пјер-Оливие Гуринчас од Универзитетот во Беркли, Калифорнија: ,,израмнувањето на кривата на инфекција неминовно ја прави пострмна кривата на макроекономска рецесија,,. Повеќето развиени земји, веројатно подолго време, ќе забележуваат ниски каматни стапк. Така што, и покрај зголемувањето на овој сооднос, долгот треба да остане одржлив. Сепак, ова не може да се констатира за земјите во развој. Дури и во најдобрите времиња, многу од овие земји имаат несигурен пристап до финансии, а ова се далеку од добри времиња (пристапот до меѓународните финансиски пазари е исклучен како што инвеститорите ,,rush to safety,,. Со други зборови, точно тогаш кога земјите во развој треба да менаџираат со пандемијата, повеќето од нив се соочуваат со ограничен фискален простор и голем јаз во финансирањето. Стандардните препораки во услови на пад на приходите и проблеми со екстерното финансирање претставуваат комбинација од штедење, девалвација и меѓународна финансиска помош. Но, ова би ги оставило земјите без ресурси за борба со вирусот и без средства за заштита на економијата од штетните ефекти на изолацијата. Поради тоа, некои земји, вклучувајќи ја и Северна Македонија, ќе имаат потреба од воспоставување на нови приоритети во постоечките трошења и заштита на други клучни приоритети, како што е поддршката на ранливата популација. Но, и во вакви услови, трошоците од кризата се високи. Поради тоа, екстерната поддршка ќе има клучно значење во обидот за справување со кризата. Потребни ќе бидат грантови и заеми, како од меѓународните институции, така и од одделните развиени земји, кои, исто така, треба да ги спасуваат нивните економии. Оттука, силната мултилатерална соработка ќе има есенцијално значење за надминување на ефектите од пандемијата.

Loading