ПИСМЕНА ПРЕПИСКА!!!

ivce1До пред некое време, кога требаше да се употреби придавката ,,согласно,, имаше колебање. Сега, како да се прифати и редовно се користи само погрешната варијанта. Многу често слушаме да се вели: ,,Согласно Законот,, , ,,Согласно Уставот,, и слично. Еве една цела реченица: ,,Општините ќе ги реализираат проектите, согласно средствата што ќе се соберат,,. Речиси никој веќе не го употребува предлогот ,,со,, кој е неопходен во ваквите изрази. Кога би се рекло дека некој проблем ќе се решава согласно законот, тоа останува сосема нејасно. Кога би се рекло дека проблемот ќе се решава согласно СО законот, значи дека решението ќе биде усогласено со законот. Ќе приведеме една реченица каде сосема погрешно ќе биде испуштен предлогот ,,со,,. Зборот ,,согласно,, е придавка. Еве уште една слична на неа – ,,тепано,,. И кога би се рекло дека детето е тепано со стап, станува јасно со што е тепано детето. Но, ако го испуштиме предлогот ,,со,, (како што се прави обично) ќе добиеме реченица: ,,Детето е тепано стап,,. Значи, предлогот ,,со,, е неопходен, исто како што е неопходен во – ,,Согласно со Законот,, , ,,Согласно со Уставот,, и слично. Најдобро е да се рече: ,,Во согласност со Уставот,,. Ајде, за да биде пократко, нека биде и така – ,,Согласно со Уставот,,. За жал, во сите текстови што ги читаме на телевизиските екрани и во сето тоа што го слушаме, се испушта предлогот ,,со,,. Голема грешка.

Многу често го среќаваме изразот ,,во живо,,. Кога следиме пренос од некој спортски настан читаме на екранот ,,во живо,,. Кога следиме седница од Владата исто така читаме – ,,во живо од Влада,,. Нема никаква потреба да го преведуваме и да го помакедончуваме српското ,,уживо,,. Затоа најдобро е да биде – ,,директен пренос,, или ,,директно од Владата,,. Точно така, од Владата, а не од Влада. Именката е определена и мора да биде членувана – Владата. Евентуално, може, наместо ,,во живо,, да се употреби придавката ,,живо,,. Значи настанот што го гледаме е жив, се одвива во тој момент. Сепак најдобро е да биде ,,директно,,. Нели знаеме дека може да биде директно, а може да биде и снимка.

Писмена преписка меѓу адвокатот Страшевски и кривичниот суд. Ќе признаеме дека малку се насмеавме кога го слушнавме ова од презентерот. Замислите! ,,Писмена преписка,,. Па каква може да биде поинаква штом е преписка? Зар може да биде усна преписка?! Го слушнавме ова од повеќе телевизиски програми. Малку ако се размисли станува јасно дека штом е преписка, мора да биде писмена. Преписката е всушност некаква напишана содржина. Напишана, затоа е писмена и не може да биде никаква поинаку.

Време кога имаме техничка влада. Не сме сигурни дали ја има и во некоја друга држава, но ние ја имаме. Во сите емисии тоа е многу честа тема. И насекаде слушаме дека постојат министри и нивни заменици. Редовна грешка и редовна навреда за оние што се нарекуваат заменици. Каква неодговорност! Па тоа не се никакви заменици. Поимот заменик – министер е звање, титула. Постои министер и заменик – министер. Постои директор и заменик – директор и така натаму. Заменик – министерот има свои овластувања, свои обврски и свој статус. Навредливо е ако се рече дека е тоа заменик на министерот. Чудно е зошто оваа грешка никој не ја согледува. Чудно е зошто го слушаме тоа на сите телевизии. Да заклучиме: постои звање министер и постои звање заменик – министер, а не заменик на министерот.

За време на Божиќните и новогодишните празници многу Дедо мразовци се војваат по улиците и по телевизиските програми. Еден таков ,,официјален,, Дедо Мраз им испрати порака на младите да оделе повеќе во библиотеките, а не во ,,кафичи,,. Браво Дедо Мраз! Изгледа во торбата носиш освен дарови и нови зборови. Изгледа си дошол преку Србија.

П.С.

Редовно слушаме – ширум земјава, ширум Европа и така натаму. Грешка. ,,Ширум,, е прилог, а не предлог. Треба да се рече низ целава земја, низ цела Европа. А на ,,ширум,, се одговара со ,,како,,. Вратата е отворена ШИРУМ. Тоа е прилог, како што е ,,простум,, , ,,скокум,, , ,,ничкум,,.

Loading