ТРИБИНА: „СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ – ОПШТЕСТВЕНО ДОБРО ИЛИ ОПШТЕСТВЕНО ЗЛО“

СОУ Гимназија „Мирче Ацев“

Gimnazija - tribina

Како да се користат добрите страни на социјалните мрежи и интернетот, да се заштитат себе си и другите и да знаат како да реагираат во случај ако станат жртви на интернет насилство имаа можност да слушнат учениците од Гимназијата ,,Мирче Ацев,, на трибината насловена ,,Социјалните мрежи – општествено добро или општествено зло,,.  Ова е прва трибина откако зачести појавата на интернет насилството и зголемениот број на жртви од поединци или групи на социјалните мрежи. Целта беше да се иницира решавање на современиот проблем по социјалните мрежи и во виртуелниот свет кој прераснува во општествен проблем со бројни последици, како и да се подигне свеста кај младата популација за опасностите кои демнат на интернет и по социјалните мрежи, да препознае или да се сведоци на интернет насилството. Одговорите на прашањата побудија голем интерес кај учениците на трибината на која со стручни објаснувања и низ конкретни примери зборуваа и одговараа гостите,  Д-р Мимоза Богданоска Јовановска, професор по социјални мрежи на ФИКТ, Кирил Звездакоски, програмер, основач на КМСОФТ, Катерина Алавантија, инспектор при МВР; Билјана Ефремоска, училиштен психолог и Гордана Велјаноска, педагог при Меѓуопштинскиот центар за социјални работи.

Гостите и присутните ги поздрави директорот на училиштето, Димче Настоски.

Ucenici gimnazija

Потребата од воведување на ,,дигитална писменост,, во образовниот процес и осовременување на наставните програми ја иницираше д-р Мимоза Богданоска Јовановска. Кирил Звездакоски говореше и за опасностите кои во прикриена форма демнат на интернет и по социјалните мрежи и можат да се активираат само со еден клик. Катерина Алавантија дискутираше за аспектот на криминогено однесување по социјалните мрежи, за законската регулатива, за казнените одредби, за начините на институционално решавање на случаи на интернет насилство на социјалните мрежи. Посочи конкретни примери од за интернет ,,предаторство,, и мерките кои ги презеле или треба да ги преземат жртвите. Гордана Велјаноска сугерира до родителите да разговараат со децата за сите проблеми. Апелира учениците повеќе вистински да се дружат со чувства и емоции, кои ги нема при комуникацијата по социјалните мрежи. Нагласи дека пријателите не се оние од социјалните мрежИи туку, пред сé, родителите на кои децата треба да им веруваат. Билјана Ефремоска како училиштен психолог потенцира примери на физичко насилство кај учениците кое произлегло од насилство по социјалните мрежи и низ одговор на поставено прашање од учениците објасни во каква состојба се наоѓа некој кој е изложен на насилство на социјалните мрежи.

Сите говорници на трибината се согласија дека трибината нема да го реши проблемот, нема да ги осуди насилниците, нема да ги спаси жртвите, ниту пак ќе ја спречи оваа појава, туку само малку ќе придонесе за подигање на свеста кај сите за правилно користење на социјалните мрежи и интернетот, но информацијата за трибината по социјалните мрежи ќе биде еден мал чекор кон целта.

Loading