МИЖИ АСАН ДА ТИ БААМ

ivce1Чудно е! Навистина е чудно и жалосно. Скопскиот жаргон станува стандарден јазик во нашава земја. Бидејќи Скопје веќе претставува држава во држава. Најголем дел од институциите и медиумите се наоѓаат таму и влијанието врз јазикот е отттаму. За жал, лошото влијание. Она што го слушаме од сите медиуми (радиото, телевизиите и сл) е загрижувачко. Особено од телевизиските програми. Институционалната грижа е речиси невидлива и затоа го слушаме, главно, скопскиот говор со сите свои деформитети и со огромниот број србизми. Ужасно е да се слуша оној јазик што го слушаме во преводите на огромниот број сериски филмови. Многу грешки во преводот, уште повеќе во начинот на интерпретацијата, артикулирањето, акцентот. Колку за пример! Во такви преводи ги слушаме зборовите ,,жгаравица,, и ,,жмурки,,. Зошто е тоа така? Толку многу е познат нашиот збор ,,жиговина,.  Исто така, познат е и зборот ,,пожиговина,,. Многупати се прашуваме – каде е лекторот? Или, можеби, лекторите? Што прават тие? Макар што ваквите зборови треба да ги знаат и преведувачите, па и луѓето кои според своето образование и според своите обврски, треба добро да го познаваат македонскиот литературен јазик. Понекогаш може да се употреби и некаков жаргон, но не да биде тоа од српскиот јазик или од српскиот сленг.

Зборот ,,мижитатара,, е толку познат, толку употребуван дури и кога не се однесува само на самата детска игра. Кога е ситуацијата хаотична, кога не може да се најде решение, често се вели дека наместо да го најдеме вистинскиот одговор, ние лутаме, играме мижитатара. Детската игра ,,мижитатара,, се вика уште и ,,криенка – миженка,,. Но, ете, нашиве преведувачи ги отфрлиле нашите зборови и ние во нивниот превод читаме ,,жмурки,,. Зар не е јасно дека нашиот глагол гласи ,,миже,, а не ,,жмури,,. ,,Мижи Асан да ти баам,, а не ,,Жмури Асан да ти баам,,.               

Покрај вакви лексички грешки, редовно слушаме и граматички, а и грешки во синтаксата. Читаме на екранот ваква реченица: ,,Апостол Спировски директор на Државен завод за статистика,,. Како да има којзнае колку Државни заводи па тој е директор на некој од нив. Придавката ,,државен,, неопходно е да биде членувана, таа е определена, се знае точно на кој завод се однесува. Реченицата треба да гласи: ,, Апостол Спировски, директор на Државниот завод за статистика,,. Некои сметаат дека кога станува збор за назив на институција не треба да се членува, но не е така. Да го земеме на пример српскиот назив. Тој би гласел ,,Државни завод,,. Но, претходната реченица ќе гласи: ,,Директор Државног завода,, а не ,,Директор државни завод,,. Кај нас се решава проблемот со членот (државниот,) а кај нив со падежот (државног). Ваквите грешки се многу чести. Еве пример од синтаксата. Неколку госпоѓи во ТВ емисија разговараат за некои особини на мажите и жените. Насловот на темата го читаме на кајронот: ,,Што жените сакаат кај мажите,,? Ваков распоред на зборовите е соодветен за српскиот јазик. Нашиве се поведуваат по тоа и грешат. Сме констатирале и друг пат. Во прашалните реченици, веднаш по прашалниот збор доаѓа глаголот. Реченицата треба да гласи: ,,Што сакаат жените кај мажите,,.             

Ќе набележиме и една поинаква грешка што се слуша редовно кога ќе наближат божикните празници. За Коледе се берат и се раздаваат или се продаваат бадникови гранчиња. Редовно се избира и кум и здравичар. Од каде се најде именката ,,кум,, во ваква ситуација? Еве го значењето на тој збор во Речникот на З.М.: 1. Лице што го принесува детето при крштевањето и го одредува името. 2. Лице во својство на сведок при церемонијата на венчавањето. 3. Шеф на мафијашката организација, особено во САД. А човекот што се избира овде е домаќин, а не кум.

П.С.

Често слушаме во разни разговори да се користи зборот ,,житарици,, или ,,житарки,,. Житарка е жена што произведува или продава жито. Овде станува збор за житни зрна или едноставно – жито !

Loading