ДОДЕЛЕНИ 20 УПИСНИНИ НА НАЈДОБРО РАНГИРАНИТЕ БРУЦОШИ

ef3Економски факултет

На Економскиот факултет доделени се 20 уписнини на 20 најдобро рангирани студенти, кои се запишаа во академската 2019/2020 година, од кои по 10 обезбедија Универзитетот ,,Свети Климент Охридски,, од Битола и бизнис заедницата од Прилеп.

Според професор д-р Татијана Спасеска, продекан за меѓународна соработка и развој на Економскиот факултет, Универзитетот ваучерите ги доделува во рамките на одбележувањето на 40-годишнината од основањето, како поттик за студентите да стекнуваат нови знаења.

– Универзитетот обезбеди 110 уписници за сите факултети, од кои 10 се за студентите кои се запишаа на Економскиот факултет. Десетте најдобри бруцоши се ослободени од плаќање партиципација за првиот семестар од првата година на студиите. Факултетот традиционално негува добри односи со бизнис заедницата. Соработката се реализира преку предавања на истакнати стручњаци од практиката. Тука е и практичната настава за студентите преку која тие стекнуваат апликативни знаења и вештини. Соработката годинава резултираше со обезбедување 10 школарини од бизнис-заедницата. Се надеваме дека нашата соработка ќе продолжи, а бенефит ќе имаат и студентите и бизнис заедницата. Инаку на 6-те насоки на факултетот се запишаа околу 200 студенти што е повеќе од лани. Најголем е интересот за студиските програми: Сметководство и ревизија и за Банкарство и финансии – изјави професор Спасеска.

ef1

Јане Ѓорески, менаџер во Комфи Ангел смета дека бизнис-заедницата потекнува од факултетите, што е клуч и основа за понатамошниот развој на сите.

– Склучен е договор за соработка со Економскиот факултет. Чувствуваме и должност, како и задоволство, да го поддржиме Економскиот факултет, да работиме на заеднички истражувачки проекти на, на развојот… Основите се поставени, а иднината зависи од нас. Во Комфи Ангел повеќе од 80 насто од вработените во администрацијата се токму од студентите од приелпскиот Економски факултет, затоа можност за сите има, кадарот е квалитетен, останува да ги создаваме условите и да се поддржуваме, рече Ѓорески.

ef2

Според Душица Неделкоска од прилепска Витаминка ова вложување во студентите е и вложувањето во знаењето и во производството на кадри за стопанството каде секако ќе го најдат своето место, а бенефитот, посебно во развојот го има и компанијата.

– Како општествено одговорна компанија, целиме кон мотивацијата на студентите за вложување во своето знаење. Како компанија и во иднина ќе останеме посветени пријатели на сите млади, амбициозни луѓе, посакувајќи им уште повеќе успеси и да ја искористат секоја можност која им се нуди за проширување на знаењата, бидејќи само така може да се справат со предизвиците кои доаѓаат во животот, рече Неделкоска.

Студентката Христина Нунеска смета дека своето знаење што ќе го стекне ќе го вложи во домашните компании и вели не размислува да замине во странство.

ef4

-Студирам на Економскиот факултет бидејќи е респектабилна високообразовна институција со долгогодишна традиција. На факултетот ќе учествуваме во повеќе студиски активности. Практичната настава ќе ја извршуваме во различни компании и ќе реализираме мобилност преку Еразмус-програмата. Направив добар избор со насоката Банкарство и финасии. Иднината ја гледам овде, зашто сé што е квалитетно може да успее во нашата држава – изјави студентката Нунеска која доби ваучер за платена школарина во првиот семестар.

Ваучерите за школарина на студентите се доделуваат прват. Покрај Универзитетот, учествуваат компаниите Шпаркасе банка, Витаминка, Комфи Ангел и Дониа.

Loading