НАМЕСТО СУПЕРМАРКЕТ, ПЛАНТАЖА ЗА МАРИХУАНА ЗА МЕДИЦИНСКИ ЦЕЛИ?

На излезот од Прилеп кон Битола

marihuana fabrika

 

Дали и Прилеп ќе стане еден од градовите каде се готви плантажа за производство на марихуана за медицински цели. Под покривот на објектот на никогаш не отворениот супермаркет на словенечката трговска компанија Туш, кој пред една година го активира во огромен продажен простор за сé и сешто, од храна, пијалоци, козметика и потреби за мајстори, на битолската фирма Ангро маркет, прилепската подружница на фирмата Фарма ЕУ ЛЛЦ од Битола чија основна дејност е одгледување на останати повеќегодишни посеви, подготвува терен за производство на марихуана за медицинска употреба. На тоа потсетува сликата од надвор каде веќе се поставени високи метални столбови од по четири метри поврзани со жица во чија основа има уште воена бодликава жица. На металната порта стои физичко обезбедување.

Компанијата е сопственост на битолчанецот Тони Гаштески, која има своја деловна база во Битола. Кај вработените кои се логистика на мајсторите во халата побаравме врска со сопственикот да објасни што се подготвува во внатрешноста на објектот на излезот од Прилеп, за какво производство станува збор или дали можеби во објектот од неколку илјади квадрати ќе се инсталира технологија за ладна екстракција на масло од цветови од растението канабис сатива, индустриски коноп или марихуана. Сопственикот не се јави на нашето барање, но затоа дознавме дека Агенцијата за лекови и медицински средства досега не добила барање за производство на масло од канабис во Прилеп.

Одгледувањето на канабис за медицински цели е легализирано во Македонија пред неколку години. Бидејќи овој бизнис е атрактивен, над десетина фирми имаат одобрение за одгледување во затворени простори како во оранжерии и има неколку барања во процедура според законските одредби. Се очекува рапиден раст на компаниите кои ќе инвестираат во оваа гранка, бидејќи е можно да станува збор за бизнис со над милијарда евра. Дознаваме дека индустријата за канабис во Македонија засега зазема околу 30 хектари. Постигнати се две берби годишно, а растението има природно својство да дава и четири берби на цвет од кој се вади масло. Стручнаците оценуваат дека е можна продукција на околу 300 тони цвет од две берби годишно на сегашните површини, од кои може да се произведат околу 30 тони масло. Извозот на ова количества минува годишен прилив од една милијарди евра, при катагодишна тенденција на пазарот за раст на барањата за масло од канабис. Само една компанија во земјава има виза и скапи технолошки постројки за преработка на цветот од канабис во масло за медицинска употреба.

Со измените на законот, легализирано е одгледувањето на канабис за медицински цели. Се очекуваат нови барања за согласност и одобренија, кои ќе треба да ги даде најпрвин Владата, па Министерството за здравство, по контролите на стручна комисија на лице место за исполнувањето на строгите критериуми предвидени со нашата легислатива.

Фирмите кои произведуваат цвет од канабис бараат и легализација на извозот на суров цвет, а не само на масло од канабис. Сопствениците се оптимисти дека оваа индустрија ќе влијае на забрзан раст на економијата во земјава.

Новите одредби на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции дозволија одгледување на канабис за медицински или научни цели и екстракција на масло од цветот од билката. Тие важат само за правни лица со одобрение за одгледување на канабис издадено од Министерството за здравство, по претходно согласност од Владата. Компаниите треба да обезбедат простор, површини или земјиште за одгледување, за сушење и складирање. Просторот треба да биде атмосферски заштитен и ограден со ограда висока најмалку 4 метри, како и да има обезбеден 24 часовен видео надзор и физичко обезбедување, да има вработено најмалку четири лица, од кои најмалку еден да е дипломиран фармацевт со најмалку три години работно искуство во фармацијата и еден агроном – полјоделство – со најмалку три години работно искуство. Одгледувачот е должен да води евиденција на одгледуваниот канабис (сеење, производство на расад, пресадување, број на стебла), да ги евидентира и пријави до Министерството за здравство и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, сите промени и отстапувања во одгледувањето на канабисот претходно планирани во елаборат. Пред бербата, одгледувачот е должен да го извести Министерството за здравство за денот на почеток на бербата. По завршувањето на бербата од страна на Комисија се врши увид за берба заради утврдување на бројот на собраните стебла и влажна маса. Формата, содржината и начинот на водење на евиденцијата за сите фази на одгледување го пропишува министерот за здравство. Собраните растенија се сушат во посебно уреден простор, а одгледувачот е должен исушеното растение да го спакува во картонска кутија и да го запечати со сигурносна лента за запечатување. Картонската кутија со исушениот канабис задолжително е означена со податоци за назив и седиште на правното лице, година на производство, име на суровина, нето и бруто сува маса, форма (лист, цвет, растение, цело, сечкано) и датум на пакување. Законодавецот предвидел казнени одредби кои можат да бидат и затворски од една до десет години.

Маслото од канабис е лек?

Позитивни се ефектите на терапија на пациентите со масло од канабис, особено болните од смртоносна болест.  Ним им е значајно подобрено здравјето, запрено или забавено им е прогресирањето на болеста, симптомите се ублажени, а некои се излекувани, земајќи екстракт од канабис, покрај конвенционалната терапија.

Во Македонија се произведува масло, односно екстракт од канабис наменето за превентивни и за терапевтски цели. Безбедно е и позитивно влијае врз психо-физичката состојба на организмот. Се користи против гадење и повраќање при хемо или зрачна терапија кај малигните болни. Ја ублажуваат болката од различно потекло. Помога при мултиплекс склероза, ХИВ и епилептични синдроми во детската возраст. Се користи и за превенција од кардиоваскуларни болести, помага при регулирањето на крвниот притисок, ја подобрува работата на срцето, може да помогне во регулирањето на покачени концентрации на липиди и холестерол во крвта и во регулирањето на гликозата во крвта.

Loading