РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ДЕЛ ОД БУЛЕВАРОТ „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“

Миле Талевски, претседател на Советот на Општината

Обнова и на дел од улицата Прилепски бранители

thumbnail

Првпат на близу 500 семејства од социјално ранливите категории, месечно ќе им се субвенционираат трошоците за пет метри кубни вода, за што од општинскиот буџет ќе бидат издвоени 1,5 милиони денари. Колку е популистичка ова мерка пред одржување на претседателските избори? Тоа е речиси околу 50 проценти од сметката?

Не станува збор за популистичка одлука, туку изнаоѓање на мерки за подобрување на социјалната состојба на ранливите категории граѓани. Доколку ја следите работата на Општината со новата локална власт, ќе се демантирате со прашањето. Сите досегашни мерки што се во функција на што подобар живот на граѓаните, што е примарна обврска на Општината, се реализираат без медиумска помпа и популизам. Тука е изградбата на улиците и патиштата, низа мерки за подобрување на животот на граѓаните во населбата Три багреми, пренасочување на голем дел од парите за какви било прослави кон подобрување на состојбите за социјално ранливите категории и граѓаните со попречености, како што е примерот со Дневниот центар за лицата со церебрална парализа. Се издвојуваат средства за одделни социјално загрозени семејства. Ним им се помага, но далеку од објективот на камерите. Практика беше на претходната власт, да се снима и фотографира покрај секој сиромашен човек, на којшто ќе му се дадат и минимум средства. Оваа власт во конкретниот случај, издвои средства од општинскиот буџет за субвенционирање на социјално ранливите семејства. Овие пари се наменети да им го олеснат бремето на семејствата во намирување на нивните месечни комунални давачки, во случајов сметките за вода од Водовод и канализација. Мерката не е популистичка, туку е дел од социјалната политика на Општината која опфаќа низа други мерки за подобрување на животот на сите категории граѓани. Секоја од овие мерки се носи во соработка со Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, каде стручните тимови имаат и конкретни анализи и оценки кому и како треба да му се помогне. Наша максима е да обезбедиме што подостоинствен живот на сите наши сограѓани, без популизам.

Втора социјална мерка  на Советот е ослободување од плаќање партиципација во градинките на родителите на ромски деца на возраст од три до шест години? Зошто?

Најбројни меѓу домаќинствата кои се соочуваат со социјални проблеми се ромските семејства. Дел од овие наши сограѓани не се во можност поради финансиски проблеми во семејниот буџет, да оддвојат средства за надоместок за згрижување на децата во детските градинки. Познати се бенефитите од аспект на што побрза и поквалитетна социјализација на малите дечиња, кои од мала возраст посетуваат детски градинки. Оттука, повторно во рамките на развојните социјални политики, Општината, поточно Советот одлучи родителите на децата на возраст од три до шест години, кои ќе бидат згрижени во градинките, да бидат ослободени од партиципација. Со ова го даваме нашиот придонес кон поголема инклузија на сите деца, кон бришење на стереотипите и предрасудите и градење на стабилни темели на заедницата, која што им припаѓа на сите нејзини граѓани подеднакво.

Ја усвоивте и Одлуката за извршување на општинскиот буџет. Колку тој е развоен? Има ли конструктивна атмосфера во Советот, потребното мнозинство за одлуки и издржана критика кај опозицијата?

Во буџетот за 2019. година предвидени се повеќе капитални инвестиции. Во текот на годината ќе бидат реализирани три проекти за кои Советот даде зелено светло и смета дека се од исклучително значење за граѓаните. Најпрво би го спомнал завршувањето на реконструкцијата на градскиот стадион ,,Гоце Делчев,,. Според планираното, натпреварите од новата фудбалска сезона, фудбалерите на Победа како домаќини ќе ги играат на комплетно реновиран, по сите стандарди, фудбалски стадион. Прилепчани знаат во каква состојба беше стадионот, заради неодговорноста на претходната власт, со што на граѓаните им е скратено задоволството да гледаат прволигашки фудбал. Освен пречекорувањето на временскиот рок за градба на стадионот, и малкуте активности што ги презела фирмата која ги вршела градежните работи биле надвор од законските прописи. На пример, четирите рефлектори, од кои секој е висок по 40 метри и тежок по десет тони, се поставени без одобрение за градење. Покривната конструкција за северната трибина е направена без да се испита статиката, односно дали трибината може да ја издржи тежината на покривната конструкција. Сето тоа, доколку не го спречевме, можеше да доведе до несакани, катастрофални, последици за гледачите. Следно, потегот од кружниот тек кај споменикот Карпалак, сé до крстосницата пред поранешната градска кафеана, комплетно ќе се реконструира и ќе се прошири булеварот ,,Гоце Делчев,,. Истото ќе биде направено и со делот од улицата ,,Прилепски бранители,, од крстосницата кај поранешна градска кафеана, до кружниот тек пред поштата. Трето е реконструкцијата и проширувањето на мостот на улицата ,,Трајко Николоски,, кај поранешните магацини на Центропромет. Што се однесува до работата на Советот, моите заложби се да има конструктивни дебати, да биде слушнат гласот на секој советник, без разлика од која политичка партија произлегува, да се носат одлуки во интерес на сите граѓани со цел Советот да претставува вистински храм на демократијата.

Прилеп доби јавно претпријатие за енергетски дејности. Реакција во јавноста предизвика изборот на директорот, членовите на Управниот и надзорниот одбор? Која ќе биде неговата функција? Колку ќе биде во интерес на претстојната гасификација?

Најпрвин, да ве демантирам, ЈП Енерго-Прилеп, кое неодамна го формира Советот, уште нема избрано директор, туку е именувано лице кое со јавното претпријатие ќе раководи до неговото конституирање. Претпријатието има избрано членови на управниот и надзорниот одбор, кои се откажаа од надоместокот кој законски им припаѓа. Ја проширивме дејноста, што значи дека во фокусот на Енерго-Прилеп нема да биде само гасификацијата, туку активности околу енергетска ефикасност во Општината и производството на енергија од обновливи извори. Со гасификацијата, која е од огромно значење, не само за Прилеп, туку и за целата држава, ќе добиеме поевтин енергенс за бизнис секторот, за јавниот сектор и најважно за граѓаните. Тоа ќе значи заштеда на средства и поевтино производство, нови работни места.

Кај вештачкото езеро ќе се гради спортско-рекреативен центар со голем број на рекреативни содржини. Што ќе добијат граѓаните?

Околината околу Прилепското езеро со години беше игнорирана и запуштена. Советот донесе неколку одлуки за успешно аплицирање и спроведување на проектот ,,Прилепско езеро – нови авантури, нови можности,,, со кој ќе го заживееме пределот до и околу езерото. Ќе биде изградена и осветлена велосипедска патека од 7.3 км. на потегот од Маркова чешма до селото Присад. Комплексот вклучува пристапен паркинг, ќе има две игралишта за одбојка, кошарка и пинг-понг. За младите ќе се гради мултимедијален простор за забава и алтернативна култура. Ќе има трим и пешачки патеки, а целиот простор ќе биде осветлен и хортикултурно уреден. Ќе има и киоск за посетителите со информативни табли за туристичките можности во Општината. Со проектот ќе се набави и возило за собирање на отпад. Целиот простор ќе биде исчистен и ќе се постават канти за отпадоци. Со спортско рекреативниот центар ќе управува ЈКП Комуналец.

Грижа за Победа, РК Прилеп и спортот

Совет одлучи да исплата на три милиони денари за Победа и еден милион денари на РК Прилеп. Кој беше критериумот?

Победа отсекогаш била бренд за градот и епитетот што низ годините го носи Прилеп, како најфудбалски град во државата. Прилепчани се емотивно поврзани со Победа, која, за жал, минативе години се соочуваше и уште се соочува со проблеми во финасиското работење. Советот и одговорната локална власт одлучија да им излеземе во пресрет и да помогнеме во надминувањето на проблемите. Доделивме 3 милиони денари од општинскиот буџет како помош за Победа и еден милион денари за РК Прилеп. Свесни сме дека овие пари нема да значат конечно решавање на проблемите, но во голема мера ќе помогнат за консолидирање. Со тоа докажуваме дека искрено се грижиме за спортот и спортистите во градот. Ова ќе значи мотив и поттик за стопанските субјекти да го поддржат спортот и спортистите.

Транспарентни вработувања

Вие сте претседател на ОО на СДСМ. Опозицијата обвинува за вработувања по партиски клуч, непотизам? Особено предизборно?

Лицемерие е кога довчерашната партија на власт, а сегашна опозиција, зборува за вработувања во администрацијата, кога токму таа претставува симбол на непотизам и масовна партизација на државните институции. Кога во сите европски извештаи бевме именувани како заробена држава, се мислеше на тоа што ВМРО-ДПМНЕ ги зароби институциите, инсталирајќи некомпетентни кадри на кои партискиот интерес им беше пред државниот и пред интересите на граѓаните. Вработувањата се исклучиво според планот, програмата и реалната потреба на институциите. Секое вработување е спроведено законски и транспарентно, а за сите кандидати важат исти услови и критериуми. Секој треба да има еднакви можности за вработување. СДСМ останува на ставот дека во државната администрација не смее да има реваншизми, притисоци и политика. Секој има право да членува во политичка партија, но тоа право не смее да се доведе во врска со работното место. Во јавниот сектор, во државните институции и претпријатија, мора да се работи според систем на вредности, квалитет и според потребите на граѓаните. Цврсто веруваме дека институциите постојат за граѓаните, а не обратно.

Чиста вода – императив за 21 век

Од март граѓаните ќе плаќаат за пречистувањето на отпадните води. Што добива Прилеп со пречистителната станица?

Пречистувањето на отпадните води е императив на секоја урбана средина во 21 век. Оттука се сите мерки преземени од оваа Влада во насока на деблокирање на сопрениот процес за доизградба на пречистителната станица во Прилеп, за што беа издвоени дополнителни 5 милиони евра. Пречистителната станица значи почиста животна средина. Со пречистувањето на урбаните отпадни води се чисти од загадување градската река, се штити и чува растителниот свет, како и рибниот фонд во реките на целото наше сливно подрачје. Големи се бенефитите на земјоделците, затоа што родот ќе го наводнувааат со технички исправна вода, а не како досега со вода полна со фекалии која што е предизвикувач на низа канцерогени заболувања, според тврдењата на стручњаците. Од друга страна, производството на еколошки чисти градинарски култури е сигурна виза за земјоделците за извоз на нивното производство на европските пазари, а домашниот зелен пазар ќе нуди здрава храна.

Loading