Што е тоа приоритет? Огромни и мошне чести грешки се прават со овој збор. Не се сеќаваме точно дали сме пишувале досега. Поради честите грешки, па дури и бесмислици, веројатно сме се изјаснувале и порано. Еве, ќе се навратиме повторно. Овој збор (погрешно употребен) најмногу го слушаме од политичарите. Висок политичар, во своето излагање вели: ,,Врвен приоритет ќе биде гасификацијата,,. Овие луѓе, под поимот ПРИОРИТЕТ подразбираат дека тоа значи нешто што е најважно. Не е така. Приоритет значи – ПРЕДНОСТ. Предност на некое дејство пред друго. Не може да биде врвна предност исто како што не може врвен приоритет. Ако станува збор за гасификацијата, може да се рече дека таа ќе има предност пред другите нешта, ќе има приоритет. Не може тука да настане некакво степенување, па да има мал приоритет, голем приоритет, најголем, па дури и врвен. Може да се земат и повеќе области кои ќе имаат предност (приоритет). Да речеме дека во оваа година во нашава земја приоритет ќе имаат гасификацијата, земјоделството и рударството. Но, не може да се кажува кој ќе има прв приоритет, а кој втор. Некоја компании може да има потреба од определен број работници, да речеме економисти. Но, приоритет (предност) ќе имаат оние со петгодишно искуство. Да заклучиме! ПРИОРИТЕТ значи ПРЕДНОСТ, а тоа не може да биде прва, втора или трета, или пак мала, помала и врвна.
Истата грешка се прави и со зборот АЛТЕРНАТИВА. Сме се изјаснувале и порано, но еве пак. Многу луѓе велат дека за да се реши некој проблем, постојат повеќе алтернативи. Алтернатива може да биде само една. Алтернатива значи или едното или другото. Многу луѓе мислат дека алтернатива значи можност, па наместо да речат повеќе можности, тие велат повеќе алтернативи. Големи се овие грешки. Бесмислени се. Латинскиот израз АЛТЕР ЕГО значи човековото второ јас. За крај! Алтернатива може да биде само една. Тоа е втората можност или варијанта за решавање на проблемот. Ако латинскиот збор АЛТЕР значи ВТОРО, не може да има повеќе втори нешта.
Изложува наш висок свештеник. Неговата реченица гласи: ,,Нашиот почит што го имаме,,. Дедо Владика, ќе проштеваш, ама треба да знаеш дека именката ПОЧИТ не е од машки род, туку од женски. Значи: ,,Нашата почит што ја имаме,, а не ,,Нашиот почит,,. Исто како кога би се рекло, да речеме, при поздравување: ,,Мојата почит,,, а не ,,Мојот почит,,. Ваквиот поздрав треба да се практикува при поздрав со лице пред кое чувствуваме подлабока почит и респект. Меѓу нашиве луѓе, во вакви ситуации уште ќе го чуеме поздравот – ПОШТОВАЊЕ, или по прилепски – ПОШТОВАЈНЕ. И зборот туѓ и формата далеку од нашите правописни норми. Ние, уште не сме свикнале на такво поздравување. При поздравот би се симнала шапката и би се рекло: ,,Мојата почит,,! Ова се среќава главно во некои преведени текстови од некој друг јазик. Обично и најмногу го среќаваме при преводи од српскиот јазик. Ако во некој таков текст, некое лице поздравува: ,,Поштовање,,, нашите преведувачи го преведуваат со – ,,Мојата почит,, и добро е така. Но, како што рековме, во нашава меѓусебна комуникација тоа уште го нема.
За народните приказни сме пишувале често, зашто често ги има на нашите екрани. Грешки! Еве една реченица: ,,Тој тоа и го кажал на неа,,, наместо ,,И го кажал нејзе,,. Друга реченица: ,,Ќе се обесам, тука на оваа порта,,. Стои до портата, вели ,,Оваа порта”, а не вели ,,Овде ќе се обесам,, туку вели ,,Тука ќе се обесам,,. Редовни грешки.