МОРЕ ВО РЕКА ДА СЕ ДАВИ

ivce1Многу врнежи. Многу вода. Охридското Езеро ја надминало критичната точка. Високи и големи бранови прават големи штети на крајбрежните објекти. Објаснува новинарката, а потоа се вклучува директно со колешката од Охрид. Зборува охриѓанката, поопширно. Информира за штетите. Насекаде по крајбрежјето, и во Охрид, и во Струга, оштетени биле голем број туристички објекти. Зборува за најпогодените места. Едно од местата било и УСТИЕТО кај мостот во Струга. Испобркала тука новинарката некои работи. Што е тоа УСТИЕ? Уште некогаш, по предметот географија учевме дека местото каде се влева некоја река во море, во езеро или во друга поголема река се вика УСТИЕ. Во Речникот (тритомниот) одбележан е зборот УСТИЕ но со упатување на УТОКА. Значи, точниот, литературниот збор е – УТОКА. Така и пишува во денешниве учебници по географија. Како и да е УТОКА (устие) е место каде што се влева реката. Од она што ни го соопшти новинарката излегува дека езерото се влева во реката (Црн Дрим). Понекогаш, кога би се случил некој проблем, кога можното решение е очигледно, кога сите знаат оти е така, сепак решението е спречувано од недугави раководители на кои силата им е во раката, па луѓето велеа – ,,Ете, дојде време, море во река да се дави,,. Нешто слично на тоа – ,,При сила нема правина,,. Сега слушнавме и од охридската новинарка дека езеро се дави во река. Без разлика дали ќе се рече УСТИЕ или УТОКА, тоа никако не може да означува место каде што истекува езерото. Едноставно, тоа е место на ИСТЕКОТ на езерото, но тоа не е УСТИЕ. Ама, еве, дојде време езеро во река да се дави. Во Црн Дрим. А тој тече и таму каде што се влева во морето, ете тоа е УТОКА (устие).

Присуствуваме во еден дом каде повозрасна домаќинка прередува, префаќа некои постари текстилни предмети. Во еден момент, држи во раката мал предмет од фротирска ткаенина, опшиен од трите страни, а едната страна отворена колку да влезе тука човечка дланка. Ја прашуваме жената што е тоа? Таа објаснува дека тоа служи при капењето, за триење на вратот, на телото. Ја прашуваме како се вика, таа вели дека не се сеќава. Во еден момент, радосно извика – ,,Ѓебре, ѓебре се вика. Сум заборавила,,. Навистина, тој збор е подзаборавен или сосема заборавен. Во некои поодамнешни времиња се користеше и името, а и самиот предмет. Го има тој збор во Речникот. Не само што служи за таа основна намена, за истривање на телото, туку и за човек што многу се гизди, велат дека многу се ѓибри. Еве, споменавме и еден друг збор, речиси заборавен – Гизди. Тоа е човек кој претерано се дотерува, се гледа постојано на огледало. Со еден збор – ГИЗДАВЕЦ. Го има и тој збор во Речникот. Денеска ретко ќе чуеме некој да го употребува. Денеска, за човек кој многу води сметка за своето дотерување нашиве луѓе често го користат зборот КИЦОШ. Се разбира, го преземаат од српскиот јазик, и ако и таму е позајмен, колку што знаеме од германскиот. Тоа е слично на англискиот ДЕНДИ.

Имаме ние и друг заборавен збор, со слично или со исто значење. За некој кој нападно се дотерува, па дури и невкусно, се велеше дека многу се ТАВРИ. Постои и именка – ТАВРАЏИЈА или дури и ТАВРАЛИЈА. Можеби тоа е дијалектизам, но може да се употреби во литературни текстови каде би звучел доста колоритно.

Гледаме српски филм. Нешто од војната. Некои војници ќе бидат заробени. Непријателскиот војник вика: ,,Руке у вис,,! Нашиов преведувач го преведува тоа – ,,Рацете во вис,,. Браво! Ех, колку вакви преведувачи имаме. Па и децата кога играа ,,Џандари – ајдуци,, (додека немаше компјутери) при заробување на противникот си викаа: ,,Рацете горе,,. Сега, преведувачи, со лиценца, тој израз го преведуваат – ,,Рацете во вис,,.

Да креваме ли раце? Да се предаваме ли? Не, не! Нели надежта умира последна.

Loading