Во ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ отворена е изложба на портрети од уметникот Агрон Салиу. Тој првпат се претставува во Прилеп.
Според Линдита Ахмети, портретите сведочат за големи креативни можности на младиот сликар, кој полека остава автентични траги со својот уметнички израз.
– Сликите кријат “тајна”. Тие ги овековечуваат духовните реакции што не ги забележува обичниот минувач. На магичната четка не му бегаат лесно светлата, сенките и карактеристичните бои, особено темнината, која не следи како судбина. Длабоката осаменост, стравот, соочувањето со ужасот, но и резигнацијата и рамнодушноста го сочинуваат значајниот столб на креативноста – вели Ахмети.
Салиху дипломирал на ФЛУ на Тетовскиот универзитет. Имал бројни самостојни и групни изложби во земјата и во странство.