СРАМОТИЛАК ЗА МНТ

ivce1Токму така. Голем срамотилак. Резил! УААА! МАКЕДОНСКИ НАРОДЕН ТЕАТАР! Храм на актерската уметност. Прекрасна (возобновена) зграда. Најсовршени технички можности на сцената. Извонредна актерска екипа. Место каде е прикажана првата претстава во професионален македонски театар на македонски јазик. ,,Платон кречет,, од Корнејчук беше таа претстава. Колку што се сеќаваме, преведена од Блаже Конески. За жал, таа пиеса никаде не може да се најде. Во едно искажување на еден постар театарски деец, слушнавме дека тој превод бил на многу почист македонски јазик во споредба со денешниве преводи и воопшто со поголема грижа за јазикот, во споредба со денешнава негрижа.

Читаме дека на репертоарот на МНТ е и претставата ,,Не се клади на енглези,,. На македонски, тоа би гласело ,,Не обложувај се на Англичани,,. Не сме ја гледале претставата и не ни е јасна целта и потребата од ваков наслов.

На ТВ гледаме дека наскоро ќе бидела премиерата на пиесата ,,Без галама,, . Токму тој наслов не натера да го ставиме насловот на текстот како срамотилак. Никаде, во ниеден речник не е регистриран тој збор. Причината за тоа е што тој не е наш. Претпоставуваме дека во МНТ има лектор. Ако нема, тоа е срамота. А уште поголема срамота е ако има лектор, а не знае дека зборот ГАЛАМА го нема во нашиот јазик. Тоа кај нас е ВРЕВА. Во зависност од содржината, од контекстот, може да биде и ВИКОТНИЦА или можеби и уште поинаку, но ГАЛАМА никако.

Екипата на ТВ кажува дека претставата била урнебесна комедија. Не можат да најдат зборови со кои би ја испофалиле. Едноставно, била премногу смешна. Имаат и докази за тоа. Објаснува една од актерките дека кога се играла првпат во Англија на крајот од претставата, сите столчиња биле влажни. Јасно е, нели? Секој што гледал, се мочал од смеа. Да кажеме дека сме противник на вулгарни зборови. Се мочала публиката од смеа. Ова го кажува актерката како реклама за претставата. Но, мораме да кажеме дека мочањето мошне често е поврзано и придружено и со една друга физиолошка потреба. Ако е нешто лошо, како што е насловот на комедијата, може да се рече дека тоа е СРАЊЕ. Да, токму таков епитет за насловот – ,,Без галама,,. Претстава со ваков наслов во МНТ, навистина е тоа.

Ќе го земеме напомош толковниот речник на Зозе Мургоски. Под буквата ,,С,, одбележан е и зборот срање. Тој објаснува дека е тоа чин на исфрлање измет од телото. Но објаснува и нешто друго. Во преносна смисла, СРАЊЕ значи нешто грозно, одвратно, без вредност. Објаснува Мургоски, дава примери – Срање филм (книга, хотел) и друго. За претставата во МНТ не можеме да речеме така од едноставна причина што не сме ја гледале. Можеби таа има високи вредности. Зборуваме за насловот – ,,Без галама,,. Како е можно тоа? Не знаеме кој е преведувачот на текстот. Тој го направил првото СРАЊЕ. Потоа лекторот. И најпосле се избербатил сиот актерски ансамбл и воопшто театарот како институција. Зар баш никој не се сетил, зар баш никому не му текнало, зар баш никој не знае дека зборот ГАЛАМА не е наш. Кај нас во Македонија постојат три речници – Тритомниот, новиот Толковен речник и Толковниот речник на Зозе Мургоски. Во ниту еден од нив не е одбележан зборот ГАЛАМА. И не ни е потребен. Во Српскохрватско – македонскиот речник, српскиот збор ГАЛАМА, на македонски е предаден како ВРЕВА. Рековме погоре, дека во зависност од контекстот може да се најде и друг збор.

Можеби столчињата во МНТ ќе бидат влажни, но во овој случај придружени и со извесна непријатна РЕА.

Loading