ВО ПРЕГРАТКИТЕ НА УБАВИНИТЕ И СТРАСТИТЕ

ЗАКИНТОС – ОСТРОВ ЗА ПОТПОЛНО УЖИВАЊЕ

– Мноштво камени предели со прекрасни песочни плажи и темни пештери во кои длабоко навлегува морето, и богата вегетација со буен растителен свет го прават островот еден од најубавите во Јонското Море и популарна туристичка дестинација

– Морските желки од загрозениот вид карета тука положуваат јајца

– Најпозната и најубава плажа е Навагио, со прекрасно сафирно-сино море и ситен песок во камениот кањон среде кој стои насуканиот криумчарски брод

Razigraniot grad Zante so venecijanska arhitektura

Тиркизно море, бел песок, заводливи звуци на бузука, трпеза исполнета со вкусовите на Медитеранот… Со овие зборови се опишува секоја педа од Грција. Но, која да се одбере за одмор од многубројните сини лагуни на копнената или островската Грција? Додека копното ги дарува туристите со приказни за боговите и хероите, големата верба за победа во најтешките моменти од историјата, тајните на Атина или вештините за тргување во Солун, грчките острови во ритамот на брановите пеат песни за слаткиот и горчлив живот од морето, за големите љубови и малите острови, трговските галии, странците кои ја сакале оваа земја, за легендите и светите луѓе… Во трите мориња, Јонско, Егејско и Средоземно, треба да се избере својот островски рај во изобилие од околу 250 населени острови, што пак, е само дел од речиси 3.000 грчки морски скапоцености, расфрлани поблиску или подалеку од копното.

Островите, вечна инспирација на многумина кои се заљубиле во оваа земја и нејзините жители, се книга, која, кога еднаш ќе се отвори, се чита цел живот. А кога во тоа мноштво убавина би морале да издвоиме остров кој е сé во едно, тоа, без дилема, би бил Закинтос. Трет по големина од седумте јонски острови, на околу 400 км2, нуди зелено-цветен рај, сурови карпи, мирен одмор, спортски авантури, бузука во таверните и луди забави на плажите среде ден или ноќ, тиркизни плажи и тајните на сините пештери… Закинтос доволно голем за истражување, но и доволно мал да бидат на дофат сите негови убавини, митови, легенди, вкусови и мириси.

Прв поглед од воздух кон Закинтос е неговиот јужен залив Лаганас. Се споиле природата и човекот во сите свои сличности и разлики. Целиот залив е дел од паркот на природата Марина каде се вгнездиле морски желки од загрозениот вид Карета. Тука ги положуваат јајцата од мај до октомври. Како што природата си игра на речиси неверојатен начин, дел од овој залив е и островот Маратониси, кој изгледа како голема скаменета желка обвиена со бели камчиња, на која туристите уживаат во капењето. Покрај брегот се наоѓаат гнезда од долговратните бенигни гиганти кои понекогаш достигнуваат тежина и до 150 килограми. Забрането е присуство на луѓе ноќе. Во близина се вгнездило шареното мало гратче Лаганас. Тоа е мека за добра забава. Познато е и надвор од границите, оти се мешаат музиките и јазиците од целиот свет.

Navagio - najfotografiranata plaza na Mediteranot

Излет со бротче, автобус, автомобил или мотор, овозможува да ги запознаете сите лица на Закинтос, а преку него и сите лица на Грција. Југоисточниот дел од островот на кој се наоѓа и главниот град Занте, оддалечен е околу саат и половина возење со траект и претставува зелен појас кој му дава  на островот особено егзотична нота. Гроздови розеви бунгевалија ги поздравуваат патниците пред сите куќи и капии, а среќен пат посакуваат расцветаните олеандри во сите бои. Во 130 километри, колку што е долг патот околу островот, ќе најдете сé што посакувате, лековити плажи како легендарната Ксигија, тивки песочни оази како што е семејното место за одмор под името Тсиливи или бројни песочни заливи на полуостровот Василикос со плажи на кои се сончате заедно со гнездата на желките Карета. Тука се и камените карпи Порто Лимионаса или Порто Вромија, кои мамат да ги запознаете со маска и перки и да се најдете лице в лице со живописните длабочини на Јонското Море. Потоа авантурата и легендата за заглавениот брод на најфотографираната плажа на Медитеранот, Навагио, пливање по пештерите на езерото Кери или Сините пештери на другата страна на островот, уживање во најубавите заоѓања на сонцето… Природните убавини на островот се заокружуваат со дневна или ноќна посета на градот Занте, уживајќи во погледот од венецијанската тврдина на ридот Бохали. Прошетката по главната градска трговска улица во чии стари фасади уште живее духот на левантските трговци може да се потопи во вкусовите и мирисите на Медитеранот во некоја од бројните традиционални таверни. Ако не се смирува истражувачот во себе, се вдахновува историја во музеите посветени на Дионисиос Соломос, авторот на грчката химна или Музејот на византиската уметност.

Авантуристите можат да го перцепираат островот од воздух со помош на параглајдер, под вода со комплетна опрема за нуркање, на грбот на убавите, црни коњи, “домашна раса” како што се фалат жителите. Или пак истегнати во удобните пајтони полни со спомени на англиската аристократија која некогаш владеела со островот. Љубителите на минатото најдуваат изобилство приказни и легенди на островот за животот на Светиот Дионосиј, заштитникот на Закинтос, во црквите и манастирите скриени меѓу камените карпи на планината Врахионас која се простира на северозападната страна на островот. Освен авантурите на Одисеј, венецијанскиот заговор и турската опсада, од Закинтос по парче легенда и историја се оди на 20 километри оддалечената Кефалонија, која  маѓепсува со убавините или до Олимп на Пелопонез, древната татковина на олимписките игри. Секое доживување на Закинтос, било да се освојува од луксузен хотел, удобен апартман или со престој во засенчените кампови, се заокружува со богати и здрави ароми на маслиново масло, риби и морски плодови или локални специјалитети како зајак, зготвен како што со векови се јадело во островските домови. Еднакво добар избор се сочните лубеници, домати, лимони, грозје, мирисите на оригано, темјан или лимонова трева. Сето тоа залиено со домашни вина.

Otkrivanje na ubavinite i tanjite na Sinite pesteri

Кога се чекори по островот, се обземаат магиите и тајните. И да се сонува крај морето или храбро да се плива по пештерите или да се освојува Бохали на летните температури, и да се лудува со пријателите во Лаганас, или со семејството да се ужива во шопинг по стариот град Занте, сите заминуваат со убави спомени и уште поубави фотографии. Зрнцата бел песок од плажата Навагио запишани меѓу страниците на книгата, пробудуваат желба да се продолжи сонот секое следно лето, токму на Закинтос.

ЛУБЕНИЦА СПАКУВАНА ВО ЧАША

Дали знаевте дека на Закинтос…

…е напишана химната на Грција. Еден од најпознатите грчки поети, Дионисиос Соломос, роден на островот, ја напишал во 1823 г. химната на слободата од 158 строфи, во ладовината на една маслинка која и денес се наоѓа во паркот Лофос на падините на ридот Бохали над градот Занте. Химната е најдолга на светот, но се изведуваат само првите две строфи.

…е најголемиот природен резерват и гнездилиште на желките карета во Медитеранот. Заливот Лаганас е летен дом на долговратните бенигни карета желки. Мажјакот може да тежи од 70 до дури 160 килограми и да биде долг  до 1,5 метри, додека бојата на оклопот им се движи од златна до темно кафеава. Од бројни туристички бродови во лето се набљудуваат овие мирољубиви животни во паркот на природата, Марина.

… е дом на една од најстарите родови маслинки на светот. Староста на дрвото, чие троделно стебло е во селото Ексо Хора се проценува на околу 1.200 години (според некои научници и 1.500 години). Стеблото е споменик на природата под државна заштита. Местото е омилена сценографија за фотографирање на туристите.

…се произведува најквалитетното маслиново масло. Тајната е во времето и начинот на берење на маслинките. Додека во другите краишта се чека плодот од маслинката, кога ќе достигне зрелост сам да падне од дрвото, на Закинтос повеќепати рачно се бере и веднаш се преработува. Со тоа се избегнува плодот предолго да остане на земја и во преработката да оди како презреано.

Pod vodite na poluostrovot Vasilikos so zelkite od vidot   katera

… е познат по најсочните лубеници. Сезоната на големи шарени и мали зелени, но секогаш слатки, трае од јули до септември. Се продава цела или исечена на парчиња, дури и спакувана во чаша. Ладните, слатки лубеници се освежување за починка на плажата во врелите летни денови. На островот успеваат и 15 сорти грозје за првокласно вино. Плипот е од зачински билки како оригано или лимонова трева, како и фантастичниот мед.

…е една од најфотографираните плажи и една од 10 најубави на светот. Плажата Навагио се прослави по тиркизно-сината вода, белиот песок и насуканиот брод.

Loading