СЕ ТОКМИ “АЈНШТАЈНОВИТЕ СОНИШТА” – МЕРАК ЗА ГЛЕДАЊЕ

Театар

teatarДевет актери на прилепскиот ансамбл засилени со шест колеги од Скопје ги почнаа пробите за новата претстава “Ајнштајновите соништа” по текст на Ален Лајтман и под режисерска палка на мајсторот на режијата, професорот Слободан Унковски, кој првпат работи со прилепскиот театар. Драматизацијата е на Русомир Богдановски. Премиерата се очекува на крајот од октомври.

Унковски вели дека во прилепскиот театар има одличен ансамбл. Според режисерот, дејството се случува последните месец дена кога Алберт Ајнштајн ја дефинирал својата теорија на времето.

– Тоа се низа од 29 сонови на Ајнштајн, кои допираат различни аспекти на времето. Ова е прв чекор на проектот. Планиран е втор дел во средината на јануари во Југословенското драмско позориште во Белград. Не знам дали двата проекта ќе се сврзат и дали вториот ќе биде продолжение –  вели Унковски.

Текстот е почнат во САД, па во Атина.

– Со талентот на екипата ќе направиме нова естетика, различна, не само базирана на енергија и експлозија на музика, туку и на други нови аспекти. Амбициозни сме. Сакаме да биде интересна претстава и необична за публиката. Претстава – мерак за гледање – вели режисерот.

Директорот Тони Чатлески очекува верификација на квалитетите на прилепскиот театарски ансамбл.

Првото гостување на Унковски се случува за одбележувањето на 65. години од театарот.

– Се остварува заложбата да донесеме значајни режисерски имиња. Унковски е особено важен за актерската екипа – вели  раководителот Стојан Дамчески.

Планирана е премиера и во Скопје, односно да се игра напоредно и во новиот театар “Навигатор Цветко”.

Нови гостувања

Претставата “Кирил и Методиј, who are you” од Плевнеш, во режија на Мартин Кочовски, по изведбите во Охрид и во Букурешт, утревечер го затвора Фестивалот на камерен театар “Ристо Шишков” во Струмица.

– Копродукцискиот проект со НЕТА го изведовме во еден од најголемите театри во Европа во Букурешт. Наидовме на позитивни критики на првото гостување. Претставата го продолжува патот. На 20 септември играме на Екс Понто во Љубљана. Премиерата на матичната сцена ќе биде на почеток на октомври. На меѓународен план гостувавме со “Буре барут” во Враца – вели раководителот на театарот, Дамчески.

Loading