КОНЕЧЕН КРАЈ(!)

ivce1Адвокат во својство на бранител. Имало убиство. Нормално, адвокатот бара олеснителни околности. Вели дека еден МЕТАК испукал сам. Не се мешаме во судскиот процес, но чудно е зошто адвокатот не вели КУРШУМ, туку МЕТАК. Веројатно служел воен рок во ЈНА, таму го слушнал зборот МЕТАК, па мисли дека и на македонски тој предмет се вика така. Но, не е така. Именката МЕТАК со својата структура, со својата форма не може да опстојува во нашиот јазик. Зборот има корен во македонскиот јазик, но наставката АК не може да оди кај нас. Ние имаме глагол МЕТКА (фрла) или МЕТНУВА, но од нив не може да се изгради именка МЕТАК. Во македонскиот јазик постојат повеќе наставки за образување именки од глаголи, но наставка АК не постои. Ако сме принудени, чисто по теориски пат, да формираме именка од глаголот МЕТКА (фрла) тогаш, најблиску би била формата МЕТКАЧ. Како што е, на пример, од глаголот КОПА, можеме да добиеме именка КОПАЧ. Овде, и лицето што го врши дејството, а и предметот со кој се врши тоа дејство се вика КОПАЧ. Така би било и со именката МЕТКАЧ добиена од глаголот МЕТКА. И човекот што фрла, што метка е МЕТКАЧ а и предметот со кој се врши дејството е МЕТКАЧ. Рековме, дека сево ова го правиме по теориски пат, врз основа на некои наши зборообразувачки правила. Но, немаме никаква потреба од тоа. Во нашиот јазик си се затврдил, си го зел своето место во ваквата ситуација зборот – КУРШУМ. Не пречи ништо што зборот има турско потекло. Тој влегол многу одамна, во предлитературно време, се зацврстил и успешно си ја врши својата функција. МЕТАК, со својата форма, со својот суфикс, не може да оди во нашиот јазик. А да бараме сега нов збор кој ќе треба да го истисне КУРШУМОТ немаме никаква, ама баш никаква потреба. Тој збор сега и куршум не го бие.

Слична е ситуацијата и со зборот ЧАУРА. Често слушаме дека на месото на настанот биле пронајдени толку и толку ЧАУРИ. Тоа го слушаме од сите новинари, на сите телевизии. Повторно, под влијание на српскиот јазик. ФИШЕЦИ се тоа, а не ЧАУРИ. Имаме и ФИШЕК за сладолед. И продавачите на семки прават ФИШЕЦИ од хартија и во нив продаваат семки. Имаме и именка ФИШЕКЛИЈА, торба во која се носат фишеците. ЧАУРА е погрешно и не треба да се употребува.

И бесмислиците се грешки. А слушаме такво нешто мошне често. Еве, слушнавме дека Владата ќе давала ГРАНТОВИ, парични средства на некои фирми или за евентуално отворање на нови фирми. Ова ни го соопштува презентерка на една од нашите национални телевизии. Таа вели дека ќе се доделувале НЕПОВРАТНИ ГРАНТОВИ. Ако речеше дека ќе се доделувале неповратни парични средства, ќе беше во ред. А штом вели дека тоа ќе бидат ГРАНТОВИ, се знае дека се неповратни. Не постојат ПОВРАТНИ ГРАНТОВИ и затоа нема потреба да се нагласува. Не може да се рече дека, така во брзината се случила грешката. Текстот беше напишан. Презентерката го читаше. Значи грешката била порано направена и можела да се поправи. Веројатно и таа а и лекторот мислеле дека така треба. Го спомнуваме лекторот. Претпоставуваме дека го има. Претпоставуваме дека текстот е лекториран. Ако не во сите емисии, тогаш барем во вестите.

Рековме дека и бесмислиците се грешки. Понекогаш дури и големи.

Нашиве телевизии имаат свои дописници и надвор од нашава земја. Слушаме еден таков новинар. Се јавува од Брисел. Не известува дека од Брисел ќе допатуваат во Македонија претставници кои треба да помогнат во решавањето на политичката криза кај нас. Вели дека се ангажираат да се стави КОНЕЧЕН КРАЈ на таа криза. Ова, по малку, предизвикува и смеа. Па, господин новинар! Зар постои некој КРАЈ кој не е конечен? КОНЕЧНО значи КРАЈНО. Вака како што слушнавме, КОНЕЧЕН КРАЈ би значело КРАЕН КРАЈ. Ако се рече дека КОНЕЧНО треба да се најде КРАЈ, тоа е веќе нешто друго, а вака…

Многу грешки. Многу бесмислици. Ќе има ли некогаш – КОНЕЧЕН КРАЈ?

Loading