БОЖЈИ РАЈ ВО ТРЕСКАВЕЦ

TreskavecИако бдеат исчадените ѕидовите од изгорените конаци на манастирот посветен на Успението на Пресвета Богородица – Трескавец, комплексот веќе девет столетија сведочи за богатото културно и духовно наследство. Прилепчани секоја година на празникот Богородица масовно се поклонуваат на мајката Христова и духовно се нахрануваат од рајската убавина.

Просторот на манастирот е како седело, природно заштитено од сите страни Бог да го чува од невреме и трескавици. Се пренесува преданието и денес дека монасите од дамнина поставиле златно јаболко на највисоката точка од 1300 метри над комплексот да го чува манастирот од чести грмотевици. Затоа се вика Златоврв.

Со поглед на Пелагонија како на дланка, комплексот го сочинуваат црквата Успение на Пресвета Богородица, католиконот, трпезаријата, влезната порта со кула-камбанарија и конаците. Архитектонскиот дизајн е својствен за 12 и 13 век, со исклучителни иконографски вредности и фрескоживописи.

Трескавец е значаен национален монумент. Затоа се најде на списокот за заштита меѓу стотте културноисториски споменици во светот.

Духовното светилиште било погодено од огнена стихија во 19 век при што еснафот собрал 10 илјади гроша за реконструкција, наместо за женско црковно училиште. Пламен однесе и во 1990 и во 2012 година.

Теолозите објаснуваат дека фрескоживописот е необичен. На една од куполите е насликана претстава за Божјиот Син како небески цар во трон со евангелие. Покрај него, во композицијата, е Царицата Богородица и царот Давид. Околу нив света војска со архангели и ангели.

Манастирот не бил само монашко седиште, туку книжевно средиште за препишувачка дејност.

Според запишаната легенда на Јордан Хаџиконстатинов Џинот, султанијата Кала-Мара, една од жените на турскиот султан Мурат Втори, застанала да се причести во манастирот на пат кон Мариово. Владиката не ги отворил портите и не дозволил причест, оти живеела во брак со некрстениот султан. Кала-Мара се налутила и 500 војници ги заклале сите монаси и го урнале манастирот. Само Владиката бил оставен жив.

Трескавец е богат со докази за цивилизациско присуство од памтивек. Аргументите за тоа се два натписа на мермерни постаменти на Аполон и Артемида од вториот век

Манастирот Богородица е на списокот на 100-те најзагрозени споменици на културата во светот.

Loading