БЕЗ БОЛКА БОЛЕСТ

ivce1Општа болница. Во Прилеп. Врвулица од луѓе. Многу болести, многу лекови. Само за една болест никој не утврдил дијагноза и не нашол лек. Долготрајна болест. Неизлечива. А која е таа? Да, која е таа болест? Тоа се натписите на вратите од амбулантите. На сите амбуланти во приземјето од болницата.

Ќе се задржиме на една. На вратата од амбулантата на Очното одделение пишува: ОДДЕЛЕНИЕ ЗА ОЧНИ БОЛЕСТИ и под него – СПЕЦИЈАЛИСТИЧКО – КОНСУЛТАТИВНА АМБУЛАНТА. Токму тоа, СПЕЦИЈАЛИСТИЧКО – КОНСУЛТАТИВНА! Тоа е грешката која виси на сите врати. Кога пишува дека е тоа Одделение за очни болести, доволно е под тој текст да пишува – АМБУЛАНТА и ништо повеќе, се е јасно. Се знае дека во болницата сите лекари се специјалисти и дека секоја амбуланта е консултативна. Ако постои некоја посебна причина да се нагласи дека е тоа СПЕЦИЈАЛИСТИЧКА АМБУЛАНТА и дека е исклучиво КОНСУЛТАТИВНА, тогаш треба да стои СПЕЦИЈАЛИСТИЧКА, КОНСУЛТАТИВНА амбуланта. А тука пишува СПЕЦИЈАЛИСТИЧКО – КОНСУЛТАТИВНА, двата збора се одделуваат со цртичка и се сакало да се направи (погрешно) сложена придавка. Постојат такви сложени придавки образувани од две прости придавки. Некои се пишуваат слеано (беломорска, новопронајдена), а некои се одделуваат со цртичка (српско-македонски речник) и многу други. Прашањето е доста широко и доста компликувано. Нема да детализираме. Во конкретниов случај (специјалистичко-консултативна) не само што не може и не смее со цртичка, туку воопшто и не може од тие две придавки да се образува една, сложена придавка. Тие два збора, секој посебно ја дообјаснуваат именката амбуланта, а не претставуваат тие самите заедно некој посебен поим. Мораме малку да “влеземе” во теоријата. Постојат придавки со различни наставки. На пример, придавките СРПСКИ и МАКЕДОНСКИ имаат наставка СКИ. При формирањето на сложена придавка тие претставуваат токму таква, сложена придавка со помош на сврзувачкото О и се пишуваат разделени со цртичка: СРПСКО-МАКЕДОНСКИ. Она со специјалистичките амбуланти не може така. Замислете, кога би се напишало во Хируршкото одделение, таму каде што пишува ОПЕРАЦИООНА САЛА, кога би пишувало СПЕЦИЈАЛИСТИЧКО-ОПЕРАЦИОНА сала. Не оди, зар не? Ќе земеме за пример две придавки. Едната со наставка ЧКИ (како СПЕЦИЈАЛИСТИЧКИ) и другата со наставка ЕН (како КОНСУЛТАТИВЕН). Тоа се придавките МРТОВЕЧКИ (со ЧКИ) и ЖЕЛЕЗЕН (со ЕН). Да речеме дека станува збор за МРТОВЕЧКИ ЖЕЛЕЗЕН ковчег. Непријатно звучат овие зборови, но ги зедовме поради идентичните наставки. Е, сега, дали можеме од овие две прости придавки (МРТОВЕЧКИ и ЖЕЛЕЗЕН) да образуваме една сложена придавка која би гласела МРТОВЕЧКО-ЖЕЛЕЗЕН ковчег? Се разбира дека не може. Овде, двете придавки на посебен начин го дообјаснуваат предметот. Објаснуваат дека е тој мртовечки и дека е железен. Тие два збора не можат да образуваат нова сложена придавка ниту разделени со цртичка ниту напишана споено. Но, ако некој предмет е обоен со црна и со бела боја ќе речеме дека е ЦРНО-БЕЛ, сложената придавка, односно двата збора во неа се одделуваат со цртичка. А ако некој човек е ЦРНОМУРЕН нема цртичка, човекот е црномурен, деловите од сложената придавка се сраснати и се пишуваат слеано.

Широко е ова поглавје во граматиката. Не може на олкав простор да се објаснат сите работи. Но, чудно е зошто се дозволува да се пишуваат вакви текстови, со вакви грешки. Тој што ги пишува треба да знае, а ако не знае треба да му се укаже. Низ болничките ходници минуваат луѓе од најразлични профили. Читаат и си мислат дека така треба. Ја читаат и информативната табла на која пишува СПРАТ, наместо КАТ. Ваквите текстови се пишуваат за да траат и да се читаат подолго време. И траат! И се читаат! Некои луѓе петпари не даваат за ова. Некои се прашуваат, зар баш нема никаков лек за овие недоследности. А некои, (најодговорните) воошто не ги боли главата од оваа болест. Каде е лекот?! Го има ли?!

За крај! Не СПЕЦИЈАЛИСТИЧКО – КОНСУЛТАТИВНА, туку СПЕЦИЈАЛИСТИЧКА, КОНСУЛТАТИВНА амбуланта.

Најдобро, само: – АМБУЛАНТА!              

Loading