МЕ УДРИ ОД НЕДОПИЦА

ivce1Пред некое време пишувавме за зборовите ДЕРВЕН (клисура, планински теснец) и ДЕРМЕН (воденичар).

Шеговито ми забележува пријателот. Вели: “Си напишал за ДЕРВЕН и за ДЕРМЕН, а зошто не си напишал и за ДЕРМАН? Тој збор слободно може да оди во друштво со нив”!

Точно е, тој збор, ДЕРМАН, според формата личи на претходните два. Но, само според формата, а не и според значењето. Да кажеме искрено, ни се вртеше низ глава и тој збор. Му го знаеме значењето, но не му го знаевме потеклото. Додека ДЕРВЕН и ДЕРМЕН имаат турско потекло, за ДЕРМАН не бевме сигурни. ДЕРМАН значи – спас. Ако некој има некаква мака од некого, ќе рече: “Дерман немам од него”. Значи не може да се спаси од натрапникот. Овој збор е исто така архаичен, сепак повеќе се употребува отколку ДЕРВЕН и ДЕРМЕН. Се разбира, и неговата употреба е ограничена. Рековме дека го изоставивме само поради тоа што не му го знаеме потеклото. Еве, шегата на пријателот нé натера да побараме на повеќе места. Во Речникот (тритомниот) е одбележан. Објаснува дека значи СПАС и дека се употребува само разговорно, а не е објаснето за потеклото. Најпосле, во Лексиконот на странски зборови од Зозе Мургоски најдовме дека потекнува од турскиот јазик.

Постојат вакви подзаборавени зборови, со кои вреди малку и да се позабавуваме. Се сеќаваме на еден разговор со еден родител на три деца. Два сина и помала ќерка. Биле слаби ученици. Велеше: “Синовите ми носеа само единици, еве сега и ќерка ми такуѓере”. ТАКУЃЕРЕ! Турски е зборот. Значи: ИСТО ТАКА. Двата сина биле слаби ученици, ќерката ТАКУЃЕРЕ (исто така). Има дури и извесна нијанса на зголемување. Двата сина биле слаби ученици а ќерката дури и бетар. Се употребуваше порано овој збор. Сега таа употреба е мошне ретка. А, лично, се изненадивме кога видовме дека и овој збор потекнува од турскиот јазик. Верувавме дека е наш. Како и да е, тој збор отиде во историјата, како што отиде и зборот НЕПАРА, иако тој не е турски. Ретко, мошне ретко се слуша и тој. А значи: НЕ БАШ ТОЛКУ (не баш така). Постарите го употребуваат. Ако прашаме некој дедо како е со здравјето, ќе ни рече: “Непара сум арен”. Ако е некој мошне гладен може да рече – “Непара јадов за ручек и сега сум гладен”. Така, одвреме – навреме ќе го чуеме зборот НЕПАРА.

Има и еден друг. Мошне интересен. Одамна не бевме го чуле, но еве се случи и тоа. Разговаравме со човек кој е одгледувач на говеда. Објаснува тој дека имал некој бик кој е мошне опасен, напаѓал и на луѓе. Вели: “Еднаш толку силно ме ѕвекна во плеќиве и ме ничкоса”. Го прашуваме: “Зошто си дозволил такво нешто кога знаеш дека е опасен”? Човекот вели: “Говедата си пасеа, јас гледав некаде во спротивната страна, во планината. Тој ме акна одзади, од недопица, и ме турна на земја”. Ете, бикот го удрил од НЕДОПИЦА. Значи го удрил ненадејно. Токму тоа значи тој збор. Ненадејно, неочекувано, одненадеж. Во Речникот (тритомниот) е одбележан токму со овие значења. Го има и во другите речници. Интересно е што таму е регистриран како НЕДОПИЦА, но со упатување на НЕДОАПИЦА. Значи, правилната форма е НЕДОАПИЦА а не НЕДОПИЦА. Не ни е јасна етимологијата, потеклото. Наш е зборот. Но како е формиран, на каков начин е добиен, не знаеме.

Кога мисли човек дека нешто му е јасно, дека нештата ќе се одвиваат како што треба, излегува работата НЕПЕНДЕК. НЕПЕНДЕК! Уште еден архаичен збор. И тој е одбележан како таков во Речникот. И тој означува дека некоја работа се случува неочекувано. Кога ќе земеш на заем некој туѓ предмет, ќе се случи тогаш да се скрши. НЕПЕНДЕК! Има повеќе вакви зборови кои отишле во заборавот. Но, сепак, можат понекогаш и да ни затребаат, зар не? НЕПЕНДЕК е тоа!

Благоја Ивчески

Loading