ВАГАТА НЕ Е ВАГИНА

ivce1Добар пријател. Често се среќаваме. Го интересира јазичната проблематика. Речиси, при секоја средба разговора на таа тема. Овојпат му паднал в очи зборот ВАГА. Употребата дури го нервира. Вели: “Од кај го измислија тој збор ВАГА? Кај нас, отсекогаш било БАЛАНЅА”. Пријателот чест пати се служи и со некои паушални заклучоци кога станува збор за некои правилности, односно неправилности во врска со нашиот јазик. Овој пат, според него, зборот ВАГА би значел ВАГИНА. Според својата логика си изведува заклучок и вели: “Исто како што од личната именка БЛАГОРОДНА може да се изведе кратката форма БЛАГА, така и од ВАГИНА може да се добие кратка форма ВАГА”. Се јадосува што некому му текнало, па од вагината направил БАЛАНЅА (вага). Ваквото размислување тешко може да се мери на која и да е ВАГА или БАЛАНЅА. Но, да разјасниме некои работи. Зборот БАЛАНЅА е одбележан во сите речници, и во тритомниот и во новиот Толковен речник и во Речникот на Зозе Мургоски. Секаде е објаснето дека зборот е архаичен и се употребува само разговорно. Се објаснува дека потеклото му е турско. Зборот БАЛАНС значи рамнотежа, еднаква распределба на тежина или износ. Потеклото му е француско. Постои можност, зборот да поминал преку турскиот јазик, па оттаму, во некое одамнешно време влегол кај нас со малку поизменето значење и со малку поизменета форма – БАЛАНЅА.

За кантарот, исто така, се знае дека е турски збор. И тој во последно време се употребува многу ретко. Не само зборот, туку и самата направа за мерење тежина мошне ретко се користи.

Зборот ВАГА е регистриран во сите наши речници со објаснување дека е тоа направа за мерење тежина. Како таков го среќаваме и во српско-македонскиот речник. И таму стои ВАГА и на македонски е предадено, исто така, како ВАГА. Од сите прелистувања на разни речници се изведува заклучокот дека во нашиот јазик ВАГА е регистриран како норма. БАЛАНЅА е архаизам. Не сретнавме никаде за етимологијата, за потеклото на зборот ВАГА. Ќе си земеме слобода да претпоставиме дека ВАГА има германско потекло. Во тој правец не води именката ВАСЕРВАГА. Ќе го приведеме целото објаснување што го дава Зозе Мургоски за ВАСЕРВАГАТА: “Вага со затворена стаклена цевка делумно исполнета со алкохол или со друга течност, со меур чија што местоположба се користи за утврдување хоризонтална поставеност на нешто”. Истиот предмет се среќава и со подруго име – ЛИБЕЛА. ЛИБЕЛА е латински збор. А за ВАСЕРВАГАТА и во Лексиконот на Мургоски е објаснето дека доаѓа од германскиот јазик. Ова не тера да заклучиме дека зборот ВАГА има германско потекло. ВАСЕР (на германски вода), значи ВАСЕРВАГА – водна вага.

Кога веќе споменавме повеќе видови инструменти за мерење тежина, да ја споменеме и ТЕРЕЗИЈАТА. Оваа именка не е наполно исфрлена од употреба. Се среќава, особено по пазарите. И тој збор е веќе архаичен. Значењето му е исто како ВАГАТА и БАЛАНЅАТА. Дојдена е од турскиот јазик.

Така е тоа со зборовите. Не само во нашиот јазик. Се образуваат нови зборови (неологизми). Влегуваат туѓи, од разни страни, во разни околности и по разни патишта. Некои застаруваат и се отфрлаат од употреба. Некои си зафаќаат место во нашиот јазик. Стануваат норма. Се разбира, сето тоа треба да се адаптира, да се приспособи на нашите јазични правила. Некои можат да останат такви какви што дошле, некои ќе се видоизменат, ќе придобијат форма што е соодветна на нашата јазична норма. На именката ВАГА не ѝ пречи ништо да се користи таква каква што е, без никакви дотерувања. Таа служи за мерење тежина и нема ништо заедничко со вагината. Ни во конкретна ни во преносна смисла.                                                                                                                                    

Loading