Фестивал за народни инструменти и песни “Пеце Атанасовски”
Денеска и утре во градот и на Рудина во Долнени ќе се одржува 41. издание на фестивалот на народни инструменти и песни “Пеце Атанасовски”. Вечерва со дефиле низ центарот на околу 300 учесници во народни носии се враќа старата традиција. Натпреварувачкиот дел почнува на камената бина и продолжува утре попладне на Рудина, во Долнени, каде ќе присуствува и Претседателот д-р Ѓорѓе Иванов.
– Ќе има и изведувачи од Русија и Србија – велат од фестивалот.
Професорот д-р Илчо Јованов, претседател на Советот, вели дека Фестивалот е многу значаен затоа што со години ги негува изворните фолклорни традиции.
– Може да се научи да се свири на народни инструменти, да се пеат изворни песни – вели Јованов.
Д-р Родна Величковска, уметничкиот директор, го нагласува учеството на млади кои ја продолжуваат богатата изворна традиција на своите баби и дедовци.
– Селектиравме извонредни пејачи и изведувачи на гајда, зурла, тамбура, тапан, кемане – вели таа.
Пет дена се изучуваше македонскиот изворен мелос – изворните инструменти и песни. На семинарот учествуваат преку 20 учесници од Русија, Србија и Македонија.
– Русите имаа голем интерес за македонското изворно пеење. Тоа го покажа групата “Војла” од Вороњеж. Пристигна и петчлената група учесници Македонци од Качарево, Србија. Утре ќе има трибина за зачувување на изворниот мелос – вели Величковска.
Професорот Галина Сисоева од Државниот универзитет во Вороњеж, водач на групата, е воодушевен од македонскиот мелос.
– Традицијата и фестивалот се одлични и ќе се претставиме со автентична руска музика – вели Сисоева.
Фестивалот ја исполнува мисијата за негување и зачувување на фолклорната традиција, воспоставена од првиот и познат гајдаџија Пеце Атанасовски.
![]()


